Традицијата и годинава продолжи во населбата Јенимаале, каде се одржува тридневниот фестивал „Весел Петок“, со кој се одбележува празникот Источен Петок – Балаклија, познат и како Градски – Селски Велигден.
Детскиот фолклорен фестивал „Весел Петок“ го организира Културно-уметничкото друштво „Илинден“ и претставува, како што истакнуваат организаторите, вистинска прослава на традицијата, детската радост и фолклорното богатство.

Фестивалот започна во ОУ „Даме Груев“, а продолжи со дефиле низ Јенимаале и пригодна програма на долното средсело, каде присуствуваа градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и претседателот на Советот, Бојан Бојкоски.

Коњановски истакна дека ваквите настани се важни за негување на културното наследство и за зајакнување на заедништвото во локалната заедница.
Фестивалот продолжува и утре во Офицерскиот дом, каде од 13:00 часот ќе настапат културно-уметнички друштва од земјата и странство.
Во рамки на програмата, гостите од фестивалот денеска имаа и прием во кабинетот на градоначалникот на Битола.





