Тони Коњановски учествуваше на состанок организиран од Агенцијата за храна и ветеринарство во Битола, на кој со претставници од општините од Пелагонискиот регион се дискутираше за ангажманот на локалната заедница во управувањето со популацијата на кучиња.
Тој истакна дека Општина Битола во изминатиот период презела сериозни чекори за системско решавање на проблемот со бездомните кучиња, вклучувајќи формирање и ставање во функција на прифатилиштето „Хачико“, добивање одобрение за работа од надлежните институции, како и изработка на програма за хуман третман на животните.
Коњановски нагласи дека е спроведен и мониторинг на уличната популација на кучињата, обезбедени се финансиски средства за започнување на хуман пристап кон нивниот третман, и воспоставени се насоки за континуирано и одржливо управување со проблемот.
На состанокот беа презентирани нови пристапи од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, кои опфаќаат три клучни нивоа: оперативна база на податоци, контрола на размножувањето и зголемена стерилизација и кастрација на кучињата, со цел намалување на бројот на нови бездомни животни.
Професорот на Ветеринарниот факултет во Скопје, Влатко Илиески, истакна дека е потребен заеднички и координиран пристап на сите институции, со посебен фокус на изворите на појава на нови бездомни кучиња.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство беше нагласено дека се работи на усогласување на активностите во осумте плански региони и дека клучниот проблем е одговорното сопствеништво, како и неконтролираното размножување на домашните миленици.
На настанот беше најавено и воведување на нова законска рамка која треба дополнително да го унапреди системското справување со овој долгогодишен предизвик.






