Со младински турнир во футсал, Битола денес го започна одбележувањето на Европската недела на спортот, која се одржува од 23 до 30 септември.
Турнирот е еден од двата спортски настани организирани во градот, чија цел е поттикнување на физичката активност, рекреацијата и здравиот начин на живот кај младите.
Младите спортисти се натпреваруваа на стадионот со вештачка трева „Петар Упалевски-Упале“, а промотори на настанот беа фудбалери и фудбалерки од ФК „Пелистер“ и ЖФК „Пелистер“.
Коњановски: Продолжува поддршката за младите и спортот
Настанот го посети градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој ја нагласи важноста на спортските активности за правилниот развој на младите.
Тој истакна дека Општина Битола продолжува да дава силна поддршка на младите спортисти, спортските клубови и иницијативите насочени кон развојот и промоцијата на спортот во градот.
Европската недела на спортот е иницијатива на Европската комисија, чија цел е граѓаните од сите возрасти да се поттикнат на поголема физичка активност, рекреација и усвојување здрави животни навики.
Националниот координативен орган ја спроведува кампањата преку бројни спортски настани, активности и истражувачки процеси низ земјата.
Утре ќе се одржи есенски крос
Активностите во Битола ќе продолжат утре, 24 септември, со есенски крос во Градскиот парк.
На кросот ќе учествуваат ученици од основните и средните училишта во Битола, а почетокот на настанот е закажан за 10 часот.
Организатор на активностите е Министерството за спорт, со поддршка од Општина Битола, а настаните се кофинансирани од Европската унија.






