Легендарниот режисер го нападна Холивуд: Новите филмови кај мене предизвикуваат презир

Легендарниот режисер го нападна Холивуд: Новите филмови кај мене предизвикуваат презир

пред 4 часа

Славниот американски режисер Квентин Тарантино упати остри критики кон современиот Холивуд, оценувајќи дека денешната филмска индустрија произведува сè помалку квалитетни остварувања и дека новите филмови често се оптоварени со погрешни креативни одлуки.

Во текст објавен за престижното филмско списание „Sight & Sound“, оскаровецот признава дека во последните години речиси не може да гледа нов филм без веднаш да ги забележи неговите недостатоци.

„Мани, нелогични сцени, додворување на публиката, погрешен избор на актери или едноставно чисти глупости обично го потопуваат секој нов филм што доаѓа од оваа безвкусна фабрика за колбаси која некогаш се нарекуваше Холивуд“, напиша Тарантино.

Според него, денешната филмска продукција е на значително пониско ниво во споредба со минатите децении, а состојбата е толку лоша што, како што наведува, дури и филмовите од осумдесеттите години денес изгледаат како ремек-дела.

„Самиот концепт на тоа што денес претставува филм кај мене повеќе предизвикува презир отколку восхит. Ако ги споредиме филмовите од последните шест години, тогаш осумдесеттите изгледаат како златните триесетти години на кинематографијата“, истакнува режисерот.

Иако е критичен кон најголемиот дел од новата продукција, Тарантино признава дека имало неколку филмови кои му оставиле позитивен впечаток. Меѓу нив ги издвојува „West Side Story“ од 2021 година и двата дела од „Horizon: An American Saga“ од 2024 година. Сепак, ниту едно од овие остварувања, според него, не успеало целосно да го врати чувството на магија и уживање кое некогаш го натерало безрезервно да се вљуби во филмската уметност.

„Во последно време повеќе сакам да читам книга отколку да гледам филм“, признава Тарантино.

Сепак, режисерот открива дека годинава постои едно остварување кое целосно го освоило неговото внимание. Станува збор за криминалната драма „The Rip“, продукција на Нетфликс која беше објавена во јануари.

Филмот е во режија на Џо Карнахан, а главните улоги ги толкуваат Бен Афлек и Мет Дејмон. Приказната следи двајца полицајци од Мајами кои откриваат корупциска мрежа поврзана со 20 милиони долари од нарко-картел. Во актерската екипа се и Стивен Јун, Тејана Тејлор, Саша Кале и Кајл Чендлер.

Тарантино не ги крие пофалбите за ова остварување.

„Се појави еден нов напнат филм кој навистина ме воодушеви и ме држеше во неизвесност до самиот крај. Станува збор за одличен полициски трилер со оригинална премиса кој на многу паметен начин го испорачува она што го ветува. Ми се допадна сè – режијата на Карнахан, актерската екипа, визуелниот изглед на филмот, но вистинската сила лежи во извонредното сценарио што го напишаа Џо Карнахан и Мајкл Мекгрејл“, наведува режисерот.

Во меѓувреме, Тарантино работи на нов проект надвор од филмската индустрија. Станува збор за театарската претстава „The Popinjay Cavalier“, чија светска премиера е најавена за 2027 година на лондонскиот Вест Енд. Делото е опишано како комедија сместена во Европа во 1930-тите години.

Иако со години најавува дека ќе сними само десет долгометражни филмови, Тарантино сè уште не открил кој ќе биде неговиот последен филмски проект пред конечно да се повлече од режисерската кариера и да замине во долго најавуваната филмска пензија.

Share
Scroll to Top