Македонија добива нови Street View снимки – Google ќе ја обнови панорамската мапа на целата земја

Македонија добива нови Street View снимки – Google ќе ја обнови панорамската мапа на целата земја

пред 5 часа

Google започнува обемно обновување на Street View снимките во Македонија, со што корисниците на Google Maps наскоро ќе добијат значително поажурен и подетален панорамски приказ на градовите, патиштата и туристичките локации низ земјата.

Во рамки на проектот ќе бидат опфатени околу 13.000 километри патна мрежа, при што ќе се изработат нови панорамски фотографии од урбани средини, населби, туристички атракции и природни знаменитости.

Освежувањето ќе ги опфати Скопје, Охрид, Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Штип, Велес, Струга, Струмица, како и голем број други населени места низ државата. Новите снимки ќе овозможат подобра ориентација за граѓаните, туристите и компаниите, полесно планирање на патувањата и пореален приказ на локациите што сакаат да ги посетат.

Меѓу знаменитостите што ќе бидат прикажани со новите панорамски фотографии се Скопската тврдина, Скопскиот аквадукт, Камениот мост, Мостот на уметноста, како и природните убавини на Охридското Езеро, кое се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО.

Со обновените Street View снимки, корисниците ќе можат виртуелно да прошетаат низ улиците, населбите и туристичките дестинации пред да ги посетат, што ќе им помогне полесно да се снајдат и поефикасно да ги испланираат своите маршрути.

Од Google потенцираат дека заштитата на приватноста останува еден од главните приоритети. Лицата на луѓето и регистарските таблички на возилата автоматски се замаглуваат, а секој корисник има можност да побара дополнително замаглување на одредена фотографија преку опцијата „Report a problem“.

За користење на услугата Street View, потребно е во Google Maps да се избере саканата локација, а потоа жолтата икона „Pegman“ да се повлече на означените сини улици, по што се отвора панорамскиот приказ на избраното место.

Share
Scroll to Top