Македонија се враќа на „Евровизија“ во 2027 година: МРТ потврди повторно учество по неколкугодишна пауза

Македонија се враќа на „Евровизија“ во 2027 година: МРТ потврди повторно учество по неколкугодишна пауза

пред 2 часа

Македонија повторно ќе биде дел од најголемиот европски музички спектакл „Евровизија“ во 2027 година, потврди генералниот директор на Македонската радио телевизија, Зоран Ристоски.

На јавна седница на Програмскиот совет на МРТ, Ристоски соопштил дека по одржаните средби со претставници на Европскиот радиодифузен сојуз (ЕБУ), може со сигурност да потврди дека земјава ќе испрати свој претставник на Евровизија 2027, која според најавите ќе се одржи во Софија.

„По разговорите и координацијата со Европскиот радиодифузен сојуз, можеме да кажеме дека Македонија повторно ќе се врати на евровизиската сцена“, посочил Ристоски.

Тој нагласил дека Македонската радио телевизија добила поддршка од ЕБУ во делот на промоцијата на македонските културни вредности, како и за обезбедување поповолни услови за враќање на натпреварот.

Според него, јавниот сервис веќе работи на нов концепт кој треба да донесе поголема транспарентност и доверба во изборот на македонскиот претставник.

„Завршува времето на нетранспарентни избори. Ќе има поотворен и пофер процес“, истакнал Ристоски, посочувајќи го јавниот оглас за избор на композиција за Јуниорски Евросонг 2026 како пример за новиот пристап на МРТ.

Македонија последен пат настапи на Евровизија во 2022 година, кога земјата ја претставуваше Андреа Коевска со песната „Circles“. По тој настап, МРТ се повлече од натпреварувањето поради финансиски и организациски причини.

Најголемиот успех на Македонија на Евровизија и понатаму останува настапот на Тамара Тодевска во 2019 година во Тел Авив, кога со песната „Proud“ го освои историското седмо место – најдобар пласман на државата во историјата на натпреварот.

Враќањето на Македонија на Евровизија веќе предизвика позитивни реакции кај љубителите на музиката и евровизиските фанови, кои со години бараа повторно учество на земјата на големата европска сцена.

Се очекува во нарниот период МРТ да ги објави правилата и моделот според кој ќе се избира македонскиот претставник за Евровизија 2027.

Share
Scroll to Top