Македонија тоне во демографска криза: Речиси 30 отсто помалку новороденчиња за една деценија

Македонија тоне во демографска криза: Речиси 30 отсто помалку новороденчиња за една деценија

пред 1 час

Македонија во последната деценија изгубила речиси една третина од новороденчињата, покажуваат најновите демографски податоци презентирани на одбележувањето на „Неделата на женско здравје 2026“, организирана од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО.

Според податоците, во 2025 година во државата се родени околу 15.500 бебиња, додека пред десет години бројот на новороденчиња изнесувал околу 23.000. Лекарите предупредуваат дека станува збор за сериозен демографски аларм кој бара итни мерки, поголема грижа за женското репродуктивно здравје и посилна институционална поддршка за семејствата.

Проф. д-р Елена Џикова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и член на Управниот одбор на МАГО истакна дека падот на наталитетот не смее да се гледа само како статистика.

„Кога ќе се навратиме една деценија наназад, гледаме дека имаме намалување од околу 30 проценти во бројот на новороденчиња. Тоа не е само бројка, туку сигнал дека мора многу повеќе да се вложува во женското репродуктивно здравје, во поддршка на семејствата и во системска грижа која ќе почне уште од најрана возраст“, изјави Џикова.

Таа нагласи дека превенцијата и едукацијата мора да започнат уште во школските години и да продолжат низ целиот репродуктивен период.

„Жените треба да знаат како да го чуваат своето здравје уште од најмлада возраст. Но особено е важно во репродуктивниот период и во бременоста да има редовни прегледи, бидејќи современата медицина денес овозможува рано откривање и превенција на компликации“, посочи Џикова.

Од МАГО предупредуваат дека голем број жени и натаму доаѓаат предоцна на гинеколошки прегледи, најчесто кога состојбите веќе се сериозно развиени.

Специјалистот д-р Илир Шурлани од Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир рече дека најголем проблем е недостигот на навика за редовни контроли.

„Имаме случаи каде што жените доаѓаат предоцна не затоа што не чувствувале симптоми, туку затоа што немале навика или храброст навреме да направат преглед. Тоа е најтажниот дел, затоа што многу состојби можеле да бидат откриени многу порано и успешно третирани“, изјави Шурлани.

Тој додаде дека особено е важно навремено да се работи со младите девојки и бремените жени, бидејќи редовната грижа значително го намалува ризикот од компликации.

Претседателот на МАГО, проф. д-р Глигор Тофоски, нагласи дека организацијата работи на поширока едукација на јавноста за современите пристапи во гинекологијата и превентивната медицина.

Тој посочи дека годинава посебен фокус е ставен на синдромот на полицистични јајчници, кој денес се смета за сериозно полиендокрино-метаболно заболување со последици врз целиот организам.

„Оваа состојба е поврзана со зголемен ризик од дијабетес тип 2, покачени масти, кардиоваскуларни заболувања и проблеми со плодноста, што ја прави значајна за рано препознавање и долгорочно следење“, рече Тофоски.

Во рамки на „Неделата на женско здравје“ се разговара и за ХПВ-вакцинацијата, која лекарите ја посочуваат како клучна превентивна мерка против цервикален карцином.

„ХПВ-вакцината е единствената вакцина која може да спречи појава на цервикален карцином, но и да придонесе кон негово искоренување. За жал, опфатот кај нас е околу 56 до 58 проценти, што е далеку од потребното ниво“, предупреди Тофоски.

Според него, во земјите со развиени здравствени системи опфатот со ХПВ вакцина е над 90 проценти и таму веќе се забележуваат значајни резултати во намалување на случаите на цервикален карцином.

Лекарите апелираат дека подобрувањето на пристапот до гинеколошка заштита, редовните превентивни прегледи и системската поддршка на жените и семејствата се клучни за справување со сериозниот демографски пад со кој се соочува Македонија.

Share
Scroll to Top