Пицеријата „Мато Наполетано“ од Скопје е избрана за една од 50. најдобри пицерии во Европа. Ова е првпат во историјата на доделувањето на оваа награда на листата да се најде угостителски објект од Македонија. Доделувањето на престижните награди се одржа во театарот Сан Бабила во Милано, а признанието го примија идејните творци на брендот „Мато Наполетано“, Зоран Васиљевиќ и Дане Кузмановски.
„Вистинско мерило за нашиот успех е задоволството на нашите гости, но и препознавање на високите стандарди од експертите во оваа индустрија ни годи. Сега Скопје е на европската гастрономска мапа и тоа е наш придонес за градот во кој живееме“, рекоа тие по доделувањето на наградата.