Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на 3 јуни 2026 година учествуваше на настан на високо ниво организиран од Центарот за европски политички студии – CEPS во Брисел под наслов „Од отпад до ресурс – искористување на суровини од рударски јаловишта во Западен Балкан“, кој беше посветен на можностите за искористување на рударската јаловина како извор на критични минерални суровини во Западен Балкан.
Во фокусот на дискусијата беа три пилот-локации во регионот, Пробиштип – Злетово во Македонија, Курбнеш во Албанија и Артана во Косово, како примери преку кои може да се разгледа потенцијалот за обновување на суровини од постојната рударска јаловина.

Во дискусијата учествуваа претставници на Европската комисија, национални влади од регионот, меѓународни финансиски институции, индустријата, експерти, граѓански организации и тинк-тенк заедницата. Македонија беше претставена преку Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а меѓу говорниците беше и Филип Петровски, државен советник за рударство во Министерството.
Настанот со одржа со цел да се премине од општа дискусија кон конкретни докази и проценки за минералниот состав, количините што може да се обноват, еколошките ризици, сопственичкиот статус и инвестициската подготвеност на избраните локации. На тој начин, рударската јаловина се разгледува не само како еколошки предизвик наследен од минатото, туку и како можност за нов развој, циркуларна економија и подобро позиционирање на регионот во европските синџири за снабдување со критични суровини.
Ваквиот пристап отвора можност историските рударски локации да се трансформираат од еколошки предизвик во стратешки ресурсен и економски потенцијал. Со соодветни политики, техничка експертиза и инвестиции, може да се придонесе за намалување на еколошките ризици, санација на деградираните простори и создавање нови можности за одржлив локален и регионален развој.
Една од клучните теми беше можноста дел од овие локации во иднина да се подготват како кандидати за статус на стратешки проекти на Европската Унија во рамки на Законот за критични суровини, како и нивно поврзување со достапните финансиски и регулаторни инструменти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, Планот за раст за Западен Балкан и иницијативите поврзани со европската индустриска и суровинска безбедност.
Учеството на Министерството на вакви настани е значајно за позиционирање на Македонија во европските процеси поврзани со критичните минерални суровини, одржливото рударство и зелената транзиција. Особено е важно што локалитетот Пробиштип – Злетово е дел од регионалната анализа, што отвора простор за понатамошни технички проценки, институционална координација и можни инвестиции во решенија што истовремено би придонеле за заштита на животната средина и економски развој.
Настанот во Брисел испрати порака дека Западен Балкан има потенцијал да биде дел од европската агенда за критични суровини, но дека за тоа се потребни квалитетни податоци, јасна регулатива, финансиска поддршка и партнерство меѓу институциите, индустријата и локалните заедници.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и во иднина ќе продолжи активно да ги поддржува иницијативите кои ги поврзуваат одржливото искористување на минералните ресурси, циркуларната економија и заштитата на животната средина, во согласност со националните стратешки приоритети и европските политики.






