Македонско друштво „Илинден“-Тирана бара 21 мај да стане Ден на националните малцинства во Албанија

Македонско друштво „Илинден“-Тирана бара 21 мај да стане Ден на националните малцинства во Албанија

пред 2 часа

Македонското друштво „Илинден“-Тирана повторно упати иницијатива 21 мај официјално да биде прогласен за Ден на националните малцинства во Република Албанија.

Од друштвото посочуваат дека токму 21 мај е и Светски ден на културната различност за дијалог и развој, поради што сметаат дека датумот е најсоодветен за одбележување на улогата, придонесот и значењето на националните малцинства во албанското општество.

Како што информираат од Македонското друштво „Илинден“-Тирана, иницијативата официјално била доставена уште во 2022 година до тогашната претседателка на албанскиот парламент, Линдита Никола.

„Националните малцинства во Република Албанија се национално богатство и со неговото прогласување за државен празник сметаме дека ќе се направи значаен чекор напред во обезбедувањето поголема видливост за националните малцинства и признавање на нивната додадена вредност во нашето општество“, наведуваат од друштвото.

Од „Илинден“-Тирана оценуваат дека воспоставувањето ваков ден би придонело за унапредување на мултикултурниот дијалог, почитувањето на различностите и зајакнување на соживотот меѓу заедниците во Албанија.

Во Албанија официјално се признати повеќе национални малцинства, меѓу кои и македонското, а македонската заедница со години бара поголема институционална поддршка, видливост и почитување на културните и јазичните права.

Од Македонското друштво „Илинден“-Тирана нагласуваат дека ваквиот чекор би испратил силна порака за европските вредности, толеранцијата и почитувањето на културната разновидност во албанското општество.

Share
Scroll to Top