Мафини од тиквички се летниот хит: Сочни, меки и готови за само 17 минути

Мафини од тиквички се летниот хит: Сочни, меки и готови за само 17 минути

пред 2 часа

Мафините од тиквички ова лето стануваат вистински хит меѓу љубителите на лесни и сочни десерти. Иако комбинацијата на тиквички и благо на прв поглед звучи необично, токму овој зеленчук им дава неверојатна мекост и сочност што ги прави поразлични од класичните мафини.

Рецептот, кој го пренесува Love & Lemons, е идеален за сите кои имаат вишок тиквички и сакаат брз домашен десерт кој може да се јаде и како ужина.

За подготовка се потребни 110 грама бело брашно, 90 грама интегрално брашно, 70 грама бадемово брашно, две јајца, 100 грама шеќер, една лажица прашок за пециво, една лажичка цимет, половина лажичка морско оревче, малку сол, 120 милилитри млеко, 60 милилитри маслиново или растително масло, една лажичка екстракт од ванила, 250 грама рендани тиквички и 60 грама сечкани ореви.

Подготовката е едноставна. Најпрво рерната се загрева на 200 степени. Во еден сад се мешаат сувите состојки – белото, интегралното и бадемовото брашно, прашокот за пециво, циметот, морското оревче и солта.

Во посебен поголем сад се матат млекото, маслото, јајцата, шеќерот и ванилата додека смесата не стане мазна, а потоа се додаваат ренданите тиквички.

Потоа сувите состојки се соединуваат со течните, се додаваат оревите и смесата се распределува во калап за мафини до две третини од висината.

Мафините се печат околу 17 минути, сè додека не добијат златна боја. По печењето се оставаат десетина минути да се изладат во калапот, а потоа се префрлаат на решетка за целосно ладење.

Освен што се вкусни, овие мафини можат да стојат и до три дена на собна температура, а без проблем можат и да се замрзнат.

Share
Scroll to Top