Министерството за финансии одзеде лиценца на едно од поголемите финансиски друштва по сериозни прекршувања

Министерството за финансии одзеде лиценца на едно од поголемите финансиски друштва по сериозни прекршувања

пред 2 часа

Министерството за финансии одзеде дозвола за работа на едно од поголемите финансиски друштва во земјава, откако вонреден надзор спроведен по пријава од граѓанин открил сериозни прекршувања на законските обврски и неправилности во работењето.

Според информациите од Министерството, при контролата биле утврдени груби прекршувања на законските прописи, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците, како и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните кои користат финансиски услуги.

Поради сериозноста на констатираните неправилности и тежината на утврдените прекршоци, Министерството во текот на мај донело решение со кое на финансиското друштво му се одзема дозволата за работа.

Во соопштението се наведува дека институцијата и во текот на 2026 година продолжува со засилени теренски и вонтеренски контроли врз финансиските друштва со цел поголема заштита на граѓаните и почитување на законските прописи.

Досегашните надзори покажале повеќе неправилности во работењето на финансиските субјекти, при што од почетокот на годината досега биле изречени вкупно 22 глоби за 16 финансиски друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на утврдените недостатоци.

Паралелно со засилените контроли, Министерството работи и на подготовка на законски измени кои дополнително ќе ги заострат условите и критериумите за работа на финансиските друштва.

Според надлежните, целта на новите измени е намалување на ризикот од прекумерно задолжување кај граѓаните, поголема заштита на потрошувачите, како и зголемување на транспарентноста и одговорноста во финансискиот сектор.

Од Министерството порачуваат дека контролите ќе продолжат со засилено темпо и дека ќе бидат преземени сите законски мерки за спречување на неправилности и заштита на интересите на граѓаните.

Share
Scroll to Top