МНТ ја продолжува јубилејната прослава со меѓународни гостувања – Никола Ѓуричко, Александар Поповски, омаж за Пандур и ЦНП на роденденската програма

МНТ ја продолжува јубилејната прослава со меѓународни гостувања – Никола Ѓуричко, Александар Поповски, омаж за Пандур и ЦНП на роденденската програма

пред 4 часа

Во чест на првата претстава во Македонскиот народен театар, изведена на 3 април 1945 година, минатата година, театарот одбележа 80 години од постоењето. Годинава продолжува со одбележувањето на јубилејот и на 81 година од постоењето. Роденденот на МНТ беше одбележан со македонски сценски спектакл, каде беше степенувана важноста на ансамблот на МНТ и претстави од македонски автори, кои оставија достоинствен белег во институцијата.

Годинава пак, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување — рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот.

Свеченото одбележување на големиот јубилеј на МНТ започнува на 30 март со стенд-ап шоуто „Шоубиз“ (SHOWBIZ), во изведба на белградскиот и светски познат актер Никола Ѓуричко. Афирмирана фигура во театарот, филмот и телевизијата, чија долга и успешна кариера му го отвори патот до значајни улоги на меѓународна сцена. Тој е долгорочно поврзан со Југословенското драмско позориште во Белград, каде беше постојан член на ансамблот уште од 1995 година и каде реализира бројни успешни театарски улоги, а од крајот на 2019 година живее и работи во Лос Анџелес, САД.

Ѓуричко e светски препознатлив и по улогата на Јури во хит серијата „Stranger Things“, како и во филмот „World War Z“ и други меѓународни продукции.

За неговото стенд-ап шоу вели: „Речиси три години не сум настапувал, па ми недостасуваше публиката. Имам многу нов материјал… тоа се само некои нови животни искуства и сознанија, кои сакам да ги споделам со луѓето“.

Вечерта на 30 март, Ѓуричко најавува вечер исполнета со хумор, анегдоти и лично сведоштво од меѓународната кариера.

Во продолжение на роденденската програма, на 1 и 3 април на сцената на МНТ ќе гостува Словенечко народно гледалиште Марибор (СНГ). На 1 април, публиката ќе има ретка можност да ја погледне претставата „Амадеус“, во режија на нашиот познат режисер Александар Поповски, еден од најрелевантните македонски режисери со долгогодишна меѓународна кариера — над 70 театарски претстави низ Европа, вклучувајќи Словенија, Италија, Грција, Австрија, Турција, Шведска, Данска, Англија и Германија. Од сезоната 2018/2019 тој е уметнички директор на Драмата во Марибор, каде што ја развива својата режисерска визија и продуцира значајни театарски остварувања.

На 3 април, на сцената на МНТ, гостува СНГ Марибор, со монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“ — сценско остварување инспирирано од романот „Мариjиниот завет“, омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур.

Финалето на роденденската програма е закажано за 4 април, кога ќе биде изведена претставата „Другата страна“ во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица, со што дополнително се нагласува меѓусебната соработка и културната размена во регионалниот театар.

Со оваа внимателно направена селекција на одбрани сценски остварувања, Македонскиот народен театар ја повикува публиката да учествува во разноликата прослава на уметничката традиција, театарскиот дијалог и континуитетот на една од најзначајните институции во културата.

Билетите се пуштени во продажба.

Текстот МНТ ја продолжува јубилејната прослава со меѓународни гостувања – Никола Ѓуричко, Александар Поповски, омаж за Пандур и ЦНП на роденденската програма е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top