Музеј на кичот во Романија

Музеј на кичот во Романија

пред 1 година

Во главниот град на Романија, можете да уживате во прошетките низ широките авении, поради кои градот некогаш бил наречен Париз на Истокот. Имате можност да ја видите и втората по големина зграда во светот, Палатата на Парламентот, веднаш после Пентагон, за чија изградба поранешниот владетел на земјата, Николае Чаушеску, буквално уништи половина град.

Но, ако барате нешто сосема друго, тогаш идеалното место за посета е романскиот музеј на кич, каде што своето место го најдоа невкусните, необични и малку смешни предмети собрани низ целата земја.

Музејот е отворен од Кристијан Лица, а е поделен на вкупно осум дела, од кои еден е целосно посветен на грофот Дракула и начинот на кој тој бил прикажуван и менуван низ годините.

Имено, иако познатиот роман го поврзуваме со Романија, важно е да се знае дека во времето на неговото создавање, Трансилванија не била дел од земјата. Романците долго време не го доживуваа Дракула како дел од нивната култура.

Другите единици во музејот се донекаде контроверзни. Имено, едниот прикажува комунистички, а другиот се занимава со религиозен кич. Меѓу повеќе од двесте експонати се издвојуваат пластичните сребрени крстови, насликани статуи на кловн и Дракула во природна големина.

Дополнителен плус на овој музеј е тоа што самите посетители можат да направат нешто, а имаат и работилница на располагање. Исто така, сопственикот на музејот ги замоли сите оние кои имаат нешто интересно дома и сакаат да го споделат со другите, да испратат фотографии од тие предмети.

Share
Scroll to Top