Невролозите предупредуваат: Оваа многу честа навика може да му наштети на мозокот повеќе отколку пушењето

Невролозите предупредуваат: Оваа многу честа навика може да му наштети на мозокот повеќе отколку пушењето

пред 5 часа

Кога станува збор за здравјето на мозокот, повеќето луѓе најчесто размислуваат за генетиката и стареењето. Сепак, невролозите предупредуваат дека секојдневните животни навики имаат огромно влијание врз когнитивното здравје, а една од најпотценетите е редовната консумација на алкохол.

Иако штетноста на пушењето е добро позната, експертите посочуваат дека алкохолот често се доживува како безопасен бидејќи е општествено прифатен. Но, според нив, честото пиење може тивко да го оштетува мозокот и да го забрза когнитивното стареење.

„Многумина ја потценуваат навиката што може незабележливо да му наштети на здравото стареење на мозокот, а тоа е редовната консумација на алкохол – особено секојдневното вечерно пиење, прекумерното консумирање или користењето алкохол како начин за опуштање и справување со стресот“, предупредува неврологот д-р Линет Гогол, пренесува EatingWell.

Алкохолот е невротоксин

Со неа се согласува и неврологот д-р Зак Рамилевич, кој истакнува дека алкохолот директно влијае врз мозочните клетки.

„Алкохолот е невротоксин, што значи дека може негативно да влијае врз функцијата на мозочните клетки, врз патиштата на белата мозочна маса што ги поврзуваат различните делови на мозокот, а со текот на времето може да влијае и врз самиот волумен на мозокот“, објаснува тој.

Го нарушува сонот

Една од првите последици од редовното консумирање алкохол е нарушувањето на квалитетот на сонот.

За време на спиењето мозокот ги зацврстува сеќавањата, ги регулира емоциите, ги обновува ткивата и ги одржува нормалните метаболички процеси.

Иако многумина сметаат дека алкохолот помага полесно да се заспие, експертите предупредуваат дека тој ја нарушува структурата на сонот.

„Алкохолот може да го прекинува сонот, да го намали неговиот квалитет, да ја наруши РЕМ-фазата и да ги влоши ‘рчењето или апнејата кај чувствителните лица“, вели д-р Гогол.

Таа додава дека долгорочното нарушување на сонот може да придонесе за когнитивен пад и да го зголеми ризикот од други хронични заболувања.

Ги оштетува сивата и белата мозочна маса

Според невролозите, алкохолот негативно влијае и врз структурата на мозокот.

Сивата мозочна маса е одговорна за размислувањето, меморијата, донесувањето одлуки и регулирањето на емоциите, додека белата маса овозможува ефикасна комуникација помеѓу различните делови на мозокот.

„Сивата маса ги поддржува размислувањето, меморијата, регулирањето на емоциите и донесувањето одлуки, а белата маса им овозможува на различните региони на мозокот ефикасно да комуницираат меѓусебно“, објаснува д-р Гогол.

Токму затоа зачувувањето на двете мозочни структури е од клучно значење за добро когнитивно здравје и здраво стареење.

Го зголемува ризикот од заболувања на крвните садови

Мозокот зависи од добра циркулација на крвта, а секое нарушување на здравјето на крвните садови може негативно да влијае врз неговото функционирање.

„Сè што го нарушува здравјето на крвните садови, на крајот може да влијае и врз когнитивната отпорност“, истакнува д-р Гогол.

Според неа, честото или прекумерното консумирање алкохол може да придонесе за висок крвен притисок, атријална фибрилација, зголемен ризик од мозочен удар, оксидативен стрес и хронични воспалителни процеси.

Колку алкохол е премногу?

Д-р Зак Рамилевич смета дека најбезбедниот избор за здравјето на мозокот е целосно избегнување на алкохолот, особено кај лицата кои веќе имаат ризик од когнитивен пад, проблеми со спиењето, заболувања на црниот дроб, одредени видови рак, депресија, зависност, нарушувања на рамнотежата или семејна историја на деменција.

„Најбезбедната количина алкохол за здравјето на мозокот веројатно е нула“, нагласува тој.

Тој потсетува дека и Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не постои целосно безбедно ниво на консумирање алкохол.

Сепак, дел од здравствените препораки и понатаму како умерена консумација ја дефинираат најмногу една алкохолна напивка дневно за жените и до две за мажите.

„Но, умерено не значи и без ризик“, предупредува Рамилевич.

Секое намалување е корисно

Експертите заклучуваат дека лицата кои не консумираат алкохол немаат причина да почнат да пијат поради наводните здравствени придобивки.

На оние кои веќе пијат им советуваат постепено да ја намалуваат количината, бидејќи дури и мало намалување на внесот на алкохол со текот на времето може позитивно да влијае врз здравјето на мозокот, квалитетот на сонот и зачувувањето на когнитивните способности.

Share
Scroll to Top