Васка Леонтиќ минатиот месец го прослави вториот роденден на својата ќерка Ана, која ја роди на 48 години. Во период на корона и овој роденден поминал како претходниот, го прославиле со малку луѓе, но со голема торта и со многу љубов. Сепак, Васка вели: И ова ќе се памети оти сѐ е дел од животот.
Васка Леонтиќ, која во јавноста е позната како стилист, едукатор, основач и директор на приватното средно училиште „Академија Леонтиќ“, на 48 години стана мајка. Сега таа има 50 години, па вели дека на оваа возраст да се гледа мало дете не е лесно, но е како дар од Господ.
„Да бидам искрена, колку и да е убаво, сепак ова е и многу тешка обврска. Родителството не може да се спореди со ниедна претходна работа што сум ја работела, а ниту можам да одложам некоја желба на Ана или потреба во име на работните обврски. Се сменија улогите, па, така, прво Ана е на топ-листата, а потоа сѐ друго“, раскажува Васка Леонтиќ за „Репортер“.
Откога станала мајка, вели дека чувствува како да се родила повторно. Сѐ се сменило во нејзиниот живот, па дури си ги вратила и некои стари пријателства одамна изгубени оти, како што вели: Моите блиски имаа деца, а јас ги следев модата и кариерата.
Искрена е и за тоа колку Ана успела да ја промени. Начинот на живеење, размислувањата, потребите, приоритетите или, како што вели: Со Ана престанала и монотонијата што ја живеела со години.
„Со моето девојче сѐ ми се смени. Мене ме промени, желба за повторен живот, монотонијата се размрда, која тлееше со години. Се вратија старите пријателства, тогаш не ми беа интересни тие средби, тие беа со деца, фамилијарни, а јас во светот на модата и слободна за нови предизвици. Но, ете, сега е обратно. Тие се слободни и чекаат внучиња, некои и веќе имаат и сега сме многу поблиску во начинот на живеење и размислување. Благодарение на Ана се запознав со мајки од парк додека ги шетаме децата и тие додека си играат, разменуваме искуства, тоа е посебно чувство, нови планови каде ќе оди во градинка, што ќе посетува, каде ќе спортува, каде ќе живееме по короната, каде да шетаме. Толку многу промени, па ни јас самата не бев свесна. Таа расте секој ден, некогаш заборавам дека е сѐ уште бебе и има потреба од мене“, раскажува Леонтиќ за „Репортер“..
Не крие дека откако е мајка, се чувствува како да е на почетокот на еден нов живот. Вели зад неа се сите непријатни и несакани чувства пред породувањето затоа што имала ризична бременост, па и породувањето било критично.
„Тогаш да ме прашавте за ова, воопшто не ми се зборуваше на темава, а сега можам со денови да пишувам и зборувам“, искрена е познатата стилистка.
На прашањето како го минува времето со Ана, вели: Толку бргу мине времето, а на почеток не бев свесна. На пример, утрата ми личат како ураган да нѐ удрил, а ноќите на Хирошима и Нагасаки, сабота ми е како вкус на лута пиперка, ама в недела ми се чини како да сум на Малдиви. Но, сето ова е мојот рај и сѐ што правиме, правиме заедно, искрена е Леонтиќ.
Како еднороден родител вели дека се труди да ги усогласи обврските поврзани со детето и работата. Среќна дека успехот на деловен план веќе одамна го постигнала, вели: „Сѐ што зацртав и беше поврзано со личен развој и развој на кариерата – го постигнав. Од оваа положба, само се надополнувам и се надградувам. Сепак, сегашната енерија не се споредува, па можеби сум поисцрпена, неспиени ноќи, но и претходно не спиев, ама сега тоа неспиење е поврзано со огромна љубов и грижа кон мојата ќерка. Додека таа спие, ја набљудувам, ја галам и тоа е непроценливо богатство“, искрена е Васка.
Ни откри и дека ќерката Ана ја доживува и како партнер во животот оти сѐ правт заедно – заедно готват, пазарат, го местат креветот, редат плакари.
„Колку повеќе времето го поминуваме заедно, толку повеќе се навикнувам на неа и на нејзиното присуство во мојот живот. За мене, сега е животот што бил пред Ана и животот сега со Ана.
Од тука, вели таа, е и желбата за обнова на кариерата. Јас немам време ни секунда да ги одложувам работите бидејќи не знам колку време ми преостанува од животот (звучи морбидно, но верувајте, првата година само на тоа мислев), колку ќе имам можност да бидам со неа, вака размислуваат, претпоставувам, повеќето мајки. Но, особено се оптоварени еднородните семејства бидејќи сѐ се очекува само од еден родител“, искрена е Васка.
На прашањето како е да се биде во еднородно семејство, таа вели турбулентно и забавно.
„Начинот на живеење е онаков каков самите ќе си го направите. Ако се оптоварувате со помислата – леле колку многу обврски имам со детето плус, тие мисли ќе ве следат, но ако работите ги гледате од повеселата страна, верувајте, деновите ќе бидат напорни, но повесели“, раскажува познатата стилистка.
Таа ни објасни дека одгледувањето дете не е лесно, но дека оваа промена во животот како долго да ја чекала. Ни откри дека домашните обврски ги извршува сама во време на пандемијата, ама претходно цело време имала помош од дадилка за да може и да работи.
„Што е тешкото во овие приказни на еднороден родител? Е, па, тоа што сѐ уште во нашето општество не се говори на оваа тема и многу малку чуле за еднородни семејства. Сите читаат за глумци, глумици, фудбалери, пејачи, ама сѐ помалку им е веродостојно дека ова го прават и обични луѓе. И дека да имаш дете и да си еднороден родител не е поврзано дали некој имал лоша врска или разочарување во љубовта, туку, едноставно, некој така живее и така сака да го осмисли својот живот. И нема потреба да има причина или да се наоѓа оправдување зошто децата се донесени на свет во еднородни семјства“, вели Леонтиќ.
Таа вели дека кога почнала јавно да говори на оваа тема, сфатила дека луѓето не се толку запознаени со оваа работа. Иако, како што вели, овој третман е многу актуелен и бројките во болниците се зголемуваат, но порано само се говореше за самохрани родители или за родители што посвоиле деца, ама ова објаснување одзема дополнителна енергија, но сѐ со цел јавноста што повеќе да биде информирана и еднородните семејства да не бидат табу-тема.
„Што би им советувала на идните еднородни семејства? Тука се и девојки, жени и момчиња и мажи. Сторете го тоа и не размислувајте, не губете време, секој ден е драгоцен, оваа љубов не се споредува со ништо“, вели Лепонтиќ.
Еднородните семејства се третираат како родители, кои сами го родиле детето или со сурогат-мајка, со купен репродуктивен материјал (или од двата или само еден) и децата никогаш нема или не мора да дознаат за своите биолошки родители, туку знаат за родителот што го одгледува, објаснува Леонтиќ. Во еднородни семејства спаѓаат и силувани жени, кои од икс-прични родиле или не смееле да абортираат, а не знаат од кој фактор, додава таа. Според бројките, еднородните семејства се поголем број жени, но има и мажи.
„Никогаш не сум била жена за сеемен живот и морам да признам – од никогаш не сум ги сакала домашните обврски, да готвам итн., тоа ме излудуваше кога морав. Сестра ми цел живот се грижеше за тие работи, јас бев потолерирана и ме оставија да си ја градам кариерата. Целиот свој живот го посакував она што сум денес. Да бидам жена менаџер. Никогаш не сум се споредувала со некој туѓ живот. Целиот живот моите соништа беа поврзани со кариерата, но и да имам деца. Но, кога станува збор за љубов, да, сум сакала и јас сум жена што многу љуби и бара за возврат, но не и по секоја цена и жртва, а бракот некогаш значи и да се откажете од своите соништа“, искрена е Леонтиќ.
Во однос на менаџерската работа вели: Ги активирав сите модуларни програми, го спремаме и средното училиште да почне со својата редовна настава од 2023 година, многу новитети, модули и програми. Да не се родеше Ана, јас планирав да ја продадам верификацијата за средното училиште, но сега имам мотив повеќе баш заради неа да го разработам и таа да продолжи по моите стапки, вели познатата стилистка.
Александра Георгиев