Николоски: Започнува изградбата на автопатот Скопје – Блаце: Ќе се градат 5 тунели, 12 мостови и 40 инфраструктурни објекти

Николоски: Започнува изградбата на автопатот Скопје – Блаце: Ќе се градат 5 тунели, 12 мостови и 40 инфраструктурни објекти

пред 3 часа

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски најави почеток на изградбата на новиот автопат Скопје – Блаце, проект кој се смета за една од најважните патни инвестиции за поврзување на Македонија со Косово и регионот.

На работна средба со директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу, се разговарало за реализацијата на проектот и за следните чекори во изградбата на современата автопатска делница.

Според Николоски, изведувач на автопатот ќе биде конзорциум предводен од македонската градежна компанија „Гранит“, што претставува значаен момент за домашната градежна индустрија.

„После подолг временски период, една домашна градежна компанија целосно ќе изведува автопат“, истакна Николоски.

Автопатот Скопје – Блаце е дел од стратешкиот патен коридор кој ја поврзува Македонија со Косово и понатаму со Црна Гора. Со неговата изградба се очекува значително подобрување на транспортната инфраструктура, зголемување на безбедноста во сообраќајот и побрз проток на луѓе и стоки меѓу државите.

Од Министерството за транспорт посочуваат дека новата делница ќе придонесе за подобра регионална поврзаност, развој на трговската размена и привлекување нови инвестиции, со што Македонија дополнително ќе ја зацврсти својата позиција како важна транзитна точка на Балканот.

Проектот предвидува изградба на комплексна инфраструктура со вкупно 40 објекти на терен. Во рамки на трасата ќе бидат изградени пет тунели, две галерии и 12 мостови, како и повеќе помали инфраструктурни содржини неопходни за безбедно и современо одвивање на сообраќајот.

Станува збор за еден од најсложените патни проекти во земјава, кој треба да обезбеди модерна и брза патна врска меѓу Скопје и граничниот премин Блаце.

Николоски оцени дека реализацијата на проектот ќе донесе долгорочни придобивки за економијата, транспортот и регионалната интеграција, а воедно ќе отвори можности за нови инвестиции и развој на стопанството.

Share
Scroll to Top