Николоски пред германската стопанска комора: Со нови патишта и железници создаваме подобри услови за привлекување нови инвеститори

Николоски пред германската стопанска комора: Со нови патишта и железници создаваме подобри услови за привлекување нови инвеститори

пред 8 часа

Владата реализира амбициозна инфраструктурна агенда преку изградба на автопати и железници, со цел да создаде поконкурентни услови за новите инвеститори и да ги задржи постојните, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на средба со Германската стопанска комора и Македонско-германското стопанско здружение.

Пред присутните компании, Николоски истакна дека Германија е трговски партнер број еден на Македонија и дека подобрувањето на инфраструктурата е важно за инвестициите и деловната клима во државата.

„Се обидуваме, онолку колку што можеме, да им помогнеме на странските директни инвеститори да имаат што попријатна клима во државата. Исто така, би сакале да мотивираме да дојдат нови“, рече Николоски.

Тој посочи дека значителен дел од капиталните инвестиции од буџетот и од јавните претпријатија во целосна државна сопственост се насочени кон инфраструктурата.

Повик за железничката врска со Бугарија

Николоски информираше дека е објавен повик за третата секција од железничкото поврзување со Бугарија, дел од Коридорот 8. Според него, тендерот е објавен преку системот за јавни набавки на Европската Унија, а рокот за подготовка на понудите е четири месеци.

„Намерно ставивме подолг рок за да немаме потоа оправдувања дека за месец или два не можела да се подготви тендерска понуда. Очекуваме и германските компании да учествуваат“, истакна тој.

Три фази за пругата кон Албанија

Во обраќањето, министерот се осврна и на развојот на централното крило на железничкиот Коридор 8, во рамки на Планот за раст на ЕУ. Како прва фаза ја наведе реконструкцијата и модернизацијата на пругата Скопје–Јегуновце–Тетово–Гостивар, а како втора делницата Гостивар–Кичево.

Третата фаза, според Николоски, предвидува изградба на целосно нова железничка делница Кичево–Охрид–Струга–граница со Албанија, која во моментов не постои.

Планирани и два експресни патишта

Николоски најави и можност за изградба на два експресни патишта во источниот дел од државата, кои треба да ја поврзат Македонија со Бугарија.

Првиот е предвиден на правецот Кочани–Виница–Делчево–граница со Бугарија, а вториот на трасата Радовиш–Струмица–Ново Село–граница со Бугарија.

Тој рече дека очекува проектите да започнат следната година, доколку се обезбеди финансирање, оценувајќи дека тие отвораат дополнителни можности за развој и поврзување.

Share
Scroll to Top