Нови спортски терени за учениците во Битола: Се уредуваат игралиштата во ОУ „Даме Груев“

Нови спортски терени за учениците во Битола: Се уредуваат игралиштата во ОУ „Даме Груев“

пред 4 часа

Во тек е обновата на спортските игралишта во дворот на ОУ „Даме Груев“ во Битола, со што учениците ќе добијат подобри услови за спорт, физичко образование и рекреација.

Како што информира Општина Битола, во моментов се изведуваат работи за асфалтирање на игралиштата, а проектот се реализира во рамки на вториот владин повик, преку Министерството за образование и наука.

Станува збор за отворени повеќенаменски спортски игралишта за ракомет, кошарка и одбојка, со вкупна површина од 1.311 квадратни метри.

Проектот не го опфаќа само уредувањето на спортските терени. Околу нив е предвидена и изградба на пешачка патека со бехатон на површина од 294 квадратни метри, како и уредување на паркинг-простор.

Дополнително, ќе се изврши хортикултурно уредување на просторот, ќе се асфалтира пристапниот дел до игралиштата и ќе биде поставена нова урбана опрема.

Според информациите од Општина Битола, вкупната вредност на проектот изнесува 15.507.414 денари.

Со реализацијата на проектот, училишниот двор на ОУ „Даме Груев“ треба да добие современ и функционално уреден спортско-рекреативен простор, наменет за подобрување на условите за спортски активности на учениците.

Share
Scroll to Top