Ново научно откритие: Црниот дроб „памети“ алкохол – трајни промени во клетките ја блокираат регенерацијата

Ново научно откритие: Црниот дроб „памети“ алкохол – трајни промени во клетките ја блокираат регенерацијата

пред 5 часа

Иако црниот дроб се смета за еден од најиздржливите органи во човечкото тело и има извонредна способност за самостојна регенерација, ново научно истражување покажува дека долгогодишното консумирање алкохол може да предизвика трајни промени кои не исчезнуваат дури ни по целосен прекин на пиењето.

Научници од University of Illinois Urbana-Champaign, Duke University и Chan Zuckerberg Biohub Chicago откриле дека кај луѓе со тешки алкохолни заболувања на црниот дроб, клетките остануваат „заробени“ во нефункционална состојба и не можат правилно да закрепнат.

Истражувањето, објавено во научното списание Nature Communications, покажува дека наместо нормално обновување на ткивото, клетките остануваат заглавени помеѓу оштетување и обид за регенерација. Со текот на времето, тоа доведува до постепено влошување на функцијата на органот и дополнително пропаѓање на ткивото.

Во нормални услови, црниот дроб може да создава нови клетки и да ги обновува оштетените делови од ткивото. Но кај пациенти со алкохолен хепатитис и цироза, овој природен механизам постепено престанува да функционира.

Наместо успешно закрепнување, клетките влегуваат во состојба која научниците ја опишуваат како постојан „клеточен замор“.

„Знаевме дека црниот дроб кај овие пациенти ја губи способноста за регенерација дури и кога повеќе не консумираат алкохол, но досега не беше јасно зошто се случува тоа“, објаснил професорот по биохемија Ауинаш Калсотра, еден од авторите на студијата.

Токму поради тоа, кај многу пациенти со напреднато оштетување на црниот дроб, единствена опција останува трансплантација.

Истражувачите анализирале здраво и оштетено ткиво со современи генетски методи и откриле сериозни нарушувања во обработката на генетските информации во клетките.

Особено внимание привлекол протеинот ESRP2, кој има важна улога во правилното функционирање и обновување на црниот дроб. Кај пациенти со алкохолни заболувања неговото ниво било значително намалено.

Поради тоа, клетките не можеле правилно да создаваат протеини неопходни за поправка и обновување на ткивото, со што процесот на регенерација бил практично блокиран.

Научниците откриле и дека хроничното воспаление дополнително ја влошува состојбата. При долготрајно оштетување на црниот дроб се ослободуваат воспалителни молекули кои го попречуваат закрепнувањето и поттикнуваат создавање лузни во ткивото.

Со текот на времето, црниот дроб почнува да се исполнува со нефункционални клетки кои повеќе не можат правилно да ги извршуваат своите задачи – прочистување на токсините, обработка на хранливите материи и складирање на енергија.

Лекарите предупредуваат дека симптомите на сериозно оштетување често се појавуваат доцна. Меѓу најчестите предупредувачки знаци се постојан замор, губење на апетит, болка под десниот ребрен лак, пожолтување на кожата, отекување на стомакот и темна урина.

Сепак, научниците велат дека постои и добра вест. Лабораториските експерименти покажале дека одредени клеточни процеси можеби повторно можат да се активираат, што отвора можност за развој на нови терапии насочени кон обновување на црниот дроб.

Наместо лекување само на последиците, идните терапии би можеле директно да ги таргетираат механизмите што ја блокираат регенерацијата.

Експертите потенцираат дека раното откривање на проблемите, намалувањето или целосниот прекин на алкохолот, правилната исхрана и редовните лекарски контроли и понатаму остануваат најважните мерки за заштита на овој витален орган.

Алкохолните заболувања на црниот дроб денес се меѓу водечките причини за смртност во светот, а според научниците, подоброто разбирање на начинот на кој клетките остануваат „заглавени“ во оштетена состојба може да отвори нова ера во лекувањето и да им овозможи на пациентите во иднина поголеми шанси за закрепнување без трансплантација.

Share
Scroll to Top