Американската академија за филмски науки и уметности го објави списокот на актери и познати личности кои ќе бидат домаќини на 93-та церемонија на доделувањето на Оскарите на 25 април во Долби Хол во Лос Анџелес, вклучувајќи ги ѕвездите Харисон Форд, Бред Пит и Хали Бери.
На списокот се и Хоакин Феникс, Лора Дерн и режисерот Бонг Џун-хо, чиј филм „Parasite“ лани ја освои главната награда – Оскар за најдобар филм. Тика се и Анџела Бесет, Зендаја, Лора Дерн, Регина Кинг, Марли Матлин, Рита Морено и Рис Витерспун, соопштија продуцентите.
Домаќин на Оскаровата вечер ќе биде Глен Вајс, познат експерт за вакви настани, и заедно со режисерот Стивен Содерберг , кој е одговорен за продукцијата.
„Менк“ на Дејвид Финчер доби најмногу номинации за 93. Оскари. Овој филм е номиниран во 10 категории.
За прв пат во историјата две жени, Клои Жао и Емералд Фенел, се номинирани за најдобра режија. До сега во оваа категорија биле номинирани само 5 жени. Жао е прва режисерка со азиско потекло која ја доби номинацијата, но и жена со најмногу номинации во една година .
За најдобар филм ќе се борат 8 наслови – „Земја на номади“, „Менк“, „Исус и црниот месија“, „Минари“, „Надежна млада жена“, „Звук на металот“, „Татко“ и „Судењето на чикашките седуммина“.
Оскарите 2021 година ќе се емитуваат во недела на 25 април во 20 часот.
Свеченоста на доделувањето на Оскарите ќе се одвива на повеќе места, а не само од „Долби театарот“ во Лос Анџелес, како досега, соопшти Американската академија за филмски науки и уметности.
– Во оваа уникатна година, која бара толку многу од нас, Академијата е решена да ги додели Оскарите, притоа давајќи приоритет на јавното здравје и безбедност на сите што ќе учествуваат. За да создадеме претстава која нашата светска публика ќе сака да ја види, прилагодувајќи се на барањата на пандемијата, свеченоста ќе се емитува во живо од повеќе места, вклучително и „Долби театарот“. Со нетрпение очекуваме да споделиме повеќе подробности, но тоа ќе се случи наскоро, соопшти Академијата.
Годинешниот пренос е замислен како своевидна комбинација од класичен ТВ-пренос, видеоврски со ѕвездите и интернет-пренос. Оскарите се најгледаниот забавен настан во САД, покрај Еми, Греми наградите и Златните глобуси.
И покрај минатогодишниот рејтинг на историски минимум со 23 милиони гледачи, доделувањето на Оскарите е на второ место по рејтинг, зад Суперболот.
Фото: А.П.