Пејачот на британската група „Блу“, Ли Рајан, е осуден за расистички напад кој се случил на аеродромот во Глазгов. Ѕвездата на бој-бендот е прогласен за виновен зашто влегол пијан во авион, за напад над полицаец со гризење, расистички напад со тепање и навредливо однесување кон стјуардеса. Казната ќе му биде изречена на 24 февруари.
Рајан (39) испил шише порто во салонот на аеродромот во Глазгов пред да се качи на летот на Бритиш ервејс до Лондон на 31 јули, кога го извршил нападот, пресуди судот на Илинг. Стјуардесата, која била нападната. Леа Гордон, рекла дека Рајан пред летот ѝ кажал дека сака да седи во бизнис класа наместо во економска, и ја прашал дали знае кој е тој. На судењето, Леа рекла дека коментарите на Рајан се неприфатливи и погрдни и ја натерале да се чувствува заплашена и засрамена. Додала и дека пејачот го коментирал нејзиниот тен, ѝ кажал дека сака да му роди деца, а во еден момент ѝ пришол од зад грб за да ја бакне.
„Сакам да те бакнам пред да слезам од авионот“, ѝ рекол Рајан, а таа го оттурнала. Го фатила за зглобовите, по што неколку патници станале да го смират.
Откако слетале, интервенирала полицијата. Нивните снимки покажале дека Рајан гризнал еден полицаец, а потоа почнал да ги пцуе.
Рајан на судењето ги негираше сите обвиненија и рече дека неговото однесување било „разиграно“, но дека не бил пијан. И покрај тоа, судот го прогласи за виновен и наскоро ќе му ја изрече казната.
За потсетување, Рајан се прослави како член на бој-бендот „Блу“. Тие издадоа три албуми на почетокот на 2000-тите, а се распаднаа во 2005 година. Пред распадот, бендот ја претставуваше Велика Британија на Евросонг во Киев. Тие и сега повремено одржуваат концерти заедно.