Поранешниот директор на позната модна компанија уапсен поради сексуална злоупотреба на млади момчиња

Поранешниот директор на позната модна компанија уапсен поради сексуална злоупотреба на млади момчиња

пред 2 месеци

Поранешниот извршен директор на модната компанија „Аберкромби и Фич“, Мајк Џефрис, заедно со уште двајца мажи, е уапсен под обвинение за трговија со луѓе и меѓународна проституција.

Обвинението со 16 точки беше објавено утринава, десет години откако Џефрис ја напушти фирмата што ја водеше 22 години, објави „Би-Би-Си“.

Според истрагата, која беше покрената по анализа на „Би-Би-Си“ и колективна тужба, Џефрис и неговите соработници намамиле млади мажи со лажни ветувања за работа во моделирање за да ги однесат на патувања за време на кои сексуално ги злоставувале.

Американскиот обвинител Брион Пис истакна дека обвинетите во подолг временски период сексуално злоставувале млади луѓе во потрага по кариера во областа на модата и забавата.

„Овој случај треба да послужи како предупредување за секој кој мисли дека може да ги искористува другите“, рече Пис на прес-конференција.

Покрај Џефрис (80), обвинети се и неговите партнери Метју Смит (61) и Џејмс Џејкобсон (71), а сите тројца се соочуваат со обвиненија за сексуална трговија и меѓународна проституција, во кои се вклучени 15 неименувани жртви меѓу 2008 и 2015 година.

Доколку бидат прогласени за виновни, може да се соочат со доживотна затворска казна.

Според обвинението, Џефрис и Смит им платиле на десетици мажи за секс во нивните домови во Менхетен и Хемптонс, како и во хотели низ Европа. Исто така, беше наведено дека Џејкобсон имал „проба“ со младите луѓе пред да ги запознае со Џефрис и Смит.

Компанијата изрази шокираност и вознемиреност од обвинувањата против Џефрис, велејќи дека е тешко да се поверува дека компанијата има некаква врска со тоа.

Џефрис ја водеше компанијата од 1992 до 2014 година, кога поднесе оставка поради критиките дека не е во чекор со променливите вкусови на тинејџерите.

Share
Scroll to Top