Почина руската актерка Евгенија Брик на 40-годишна возраст во Лос Анџелес, откако подолг период водеше битка со ракот иако ретко зборуваше за својата здравствена состојба.
Српскиот актер Милош Биковиќ, кој веќе неколку години снима филмови и серии во Русија се прости од својата пријателка и колешка преку социјалните мрежи. Тој изрази огромна тага поради загубата на младиот живот и талентот, а покрај него и многу други колеги и обожаватели изразија сочувство.
Евгенија Владимировна Хиривскаја е родена на 3 септември 1981 година во Москва, а името го доби по нејзиниот дедо Евгениј Абрамович Крејн, кој некогаш бил познат новинар. Презимето Брик го зеде во чест на нејзината прабаба Софија Брик, како уметничко име. Таа имаше полско и еврејско потекло. Студираше на Руската академија за театарска уметност и дипломираше во 2004 година.
Руските медиуми ја опишаа како исклучително талентирана и весела личност. Таа беше во брак со режисерот Валери Тодоровски, со кого ја имаше ќерката Зои Валериевна Тодоровскаја, родена во 2009 година. Зои е исто така актерка, таа го имаше своето актерско деби во серијата The OA, во продукција на Нетфликс во 2016 година.