Производствените процеси, развојот на стручни кадри и практичната настава за учениците беа дел од темите при работната посета на претставнички на АХК Северна Македонија на фабриката „Кромберг и Шуберт“ во Битола, соопшти компанијата.
Во посетата учествуваа директорката на АХК Северна Македонија, Антје Ванделт, и заменик-директорката Лара Крстева Ичоќаева. На состанокот со претставниците на компанијата разговарале за актуелните активности, претстојните настани и можностите за натамошно унапредување на долгогодишната соработка.
Гостинките го посетиле и производствениот погон, каде што се запознале со тековното работење и производствените процеси.
Учениците ги претставиле своите проекти
Посебен акцент бил ставен на кабинетот за дуално стручно образование, каде што претставничките на АХК се сретнале со ученици од трета година.
Биле презентирани програмите за практична настава, преку кои учениците ги поврзуваат теоретските знаења со вештините потребни во работна средина. Учениците ги покажале и проектите на кои работат, меѓу кои и симулации на реални производствени процеси.
Од „Кромберг и Шуберт“ нагласуваат дека развојот на стручни кадри и создавањето можности за младите преку квалитетно дуално образование остануваат важен дел од нивните активности.
Компанијата ја оцени посетата како можност за размена на искуства и идеи, истакнувајќи дека редовната комуникација и меѓусебната поддршка се основа за успешно и долгорочно партнерство.






