Прилеп домаќин на зонските натпревари од „Спортски игри за млади – Плазма“

Прилеп домаќин на зонските натпревари од „Спортски игри за млади – Плазма“

пред 6 часа

Прилеп утре ќе биде центар на младинскиот спорт, откако на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ ќе се одржат зонските натпревари во рамките на проектот „Спортски игри за млади – Плазма“, најголемата спортско-едукативна манифестација наменета за деца и млади во државата.

Настанот ќе започне во 10:00 часот и ќе собере ученици од основните училишта од општините Прилеп, Долнени, Демир Хисар, Кривогаштани и Крушево, кои ќе се натпреваруваат во спортски дисциплини и ќе ги покажат своите способности, тимски дух и љубов кон спортот.

Организаторите посочуваат дека покрај натпреварувачкиот карактер, манифестацијата има за цел да ги промовира здравите животни навики, фер-плејот, другарството и значењето на физичката активност во правилниот развој на младите генерации.

Зонските натпревари се организираат од Федерацијата на училишен спорт на Македонија и Сојузот за училишен спорт на Општина Прилеп, а се реализираат под покровителство на Општина Прилеп и Министерството за спорт.

Од Општина Прилеп ги повикуваат граѓаните да присуствуваат на настанот и да им дадат поддршка на младите спортисти, кои преку своите настапи ќе испратат порака за важноста на спортот, тимската работа и позитивните животни вредности.

Организаторите очекуваат ден исполнет со спортски натпревари, дружење и позитивна атмосфера, во кој младите ќе бидат во центарот на вниманието, а спортот повторно ќе покаже дека е еден од најдобрите начини за градење здрави и успешни генерации.

Share
Scroll to Top