Принс Џексон на посебен и емотивен начин му оддаде почит на својот покоен татко Мајкл Џексон за време на премиерата на биографскиот филм „Michael“ во Лос Анџелес.
На црвениот тепих, 29-годишниот Принс се појави во елегантен црн костум, но најголемо внимание привлече црвената лента на неговата рака. Според неговото објаснување, таа не била обичен моден детал – туку била изработена од материјал од една од препознатливите црвени кошули што неговиот татко често ги носел.

„Тоа е дел од моето детство. Кога ќе го прегрнев татко ми, тој го носеше токму тоа“, изјави Принс, објаснувајќи дека костумот е дизајниран од Мајкл Буш, долгогодишен костимограф на Мајкл Џексон.

Покрај личниот момент, Принс на премиерата пристигна со деца од неговата фондација „Heal Los Angeles“, која се фокусира на поддршка на младите. И тие носеа црвени ленти со логото на организацијата, продолжувајќи ја хуманитарната порака што ја негувал и самиот Мајкл Џексон.

На настанот присуствуваа и други членови од семејството, како и бројни познати личности кои со своите модни избори му оддадоа почит на „кралот на попот“. Меѓу нив беа и братот на Принс, Биги, кој претходно на премиерата во Берлин носеше лента со симболичен мотив од танцот на Мајкл.
Филмот „Michael“ го следи животот и кариерата на легендарниот музичар – од времето на Jackson 5 до неговите најголеми успеси, а во главната улога се појавува неговиот внук, Џафар Џексон.
Иако филмот опфаќа дел од животот на ѕвездата, веќе се најавува можност за продолжение, со оглед на комплексноста и богатството на неговата приказна.
Со овој гест, Принс Џексон покажа дека наследството на Мајкл Џексон не живее само преку музиката, туку и преку семејството и спомените што ги остава зад себе.





