Проданоски за 23 Октомври: Слободата е наследство што нè обврзува заеднички да ја градиме Македонија

Проданоски за 23 Октомври: Слободата е наследство што нè обврзува заеднички да ја градиме Македонија

пред 5 часа

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, истакнувајќи дека празникот ја симболизира македонската чест, непокор и национална гордост.

Во својата порака, Проданоски потсети на основањето на Македонската револуционерна организација во Солун во 1893 година, посочувајќи го како почеток на организираната борба за слобода, автономија и независност на македонскиот народ.

Тој ја нагласи важноста на храброста и пожртвуваноста на револуционерите, чие дело го поврза со историскиот пат преку Илинден и Крушевската Република до создавањето на современата македонска држава.

Празникот, според Проданоски, е потсетник дека слободата се изборува со вера, истрајност и љубов кон татковината, а нејзиното зачувување и надградување е заедничка одговорност.

Градоначалникот порача дека почитта кон наследството на претходните генерации треба да се продолжи преку конкретна работа и заедничко вложување во развојот на Прилеп и Македонија.

„Македонија е она што го имаме, она што ни е најважно. Заслужува да ја градиме, заслужува сите да вложуваме во неа со заеднички сили, за нашиот град и нашата држава да изгледаат уште поубаво“, истакна Проданоски.

Share
Scroll to Top