Ново детско игралиште, вредно четири милиони денари, е изградено во прилепската населба „Типски“. Градоначалникот Дејан Проданоски информира дека инвестицијата е реализирана со поддршка од Министерството за спорт, преку владиниот повик за децентрализација на средствата.
Со уредувањето на просторот, децата од населбата добиваат ново место за игра и дружење. Проданоски најави дека активностите во овој дел од Прилеп ќе продолжат со подготовка на проект за мултифункционално спортско игралиште.
„Овој простор добива нов лик, но продолжуваме понатаму и веќе нарачавме проект за изградба на мултифункционално спортско игралиште на просторот што го расчистивме“, истакна градоначалникот.
Планираниот спортски терен треба да ја надополни содржината во населбата, создавајќи дополнителни можности за спорт, рекреација и дружење на жителите. Засега е нарачана проектната документација, додека рок за изградба и вредност на оваа инвестиција не се наведени.
Проданоски порача дека пренамената на запуштените површини во употребливи јавни простори останува дел од активностите за уредување на градот.
„Запуштените површини ги претвораме во уредени места за игра, спорт и рекреација“, рече тој, најавувајќи продолжување на инвестициите во подобри услови за најмладите.






