Летните шумски пожари веќе предизвикаа рекордно емитување на CO2 во рускиот сибирски регион Јакутија, а сезоната на пожари ќе потрае со недели, објавија во средата од европската агенција „Коперникус“.
Експертите се плашат дека пожарите, предизвикани од жештините, можат да го стопат пермафростот и да ослободат уште повеќе јаглерод диоксид кој се наоѓа во смрзнатиот дел во внатрешноста.
Годинашните пожари досега во Јајутија проголтаа повеќе од 4,2 милиони хектари, а димот оваа недела стигнал до Северниот пол. Емисијата на штетни гасови од јуни изнесува повеќе од 505 мегатони еквивалент јаглрод диоксид, проценува „Коперникус“, програмата на Европската унија за набљудување на Земјата.
Тоа е веќе повеќе од минатогодишниот рекорд од вкупно 450 мегатони за целата пожарна сезона, изјавил научникот на „Коперникус“, Марк Парингтон.
Јакутија се наоѓа во североисточниот дел на Сибир и е најголем руски регион познат по острите зими. Ако беше независна, таа ќе беше осмата најголема земја на светот.
Иако шумските пожари се дел од природниот шумски циклус во тоа подрачје, научниците се запрепастени од размерите и интезитетот на пожарите во последните години.
Ова се совпаѓа со силното загревање на Арктикот каде просечните температури растат повеќе од трипати побрзо од остатокот на светот.