Актерот Атанас Атанасовски е еден од омилените на публиката. Со неговиот колега Тино Костадиновски, одамна се препознатливиот шарм на театарот „Комедија“ каде играат во повеќето претстави. Од нивниот авторски проект, „Чао пријатно“, до „Вардарски пастуви“ или „Стјуардеси“, преку „Не сега драга“, а се дел и од тимот на „Златна бубамара на популарноста“.
Атанас, веќе една година ужива и во улогата на татко, откако се роди синот Павле. Тој е во брак со Александра, со која претходно беа подолго време во љубовна врска. Иако ретко зборува за приватниот живот, сепак сподели по нешто интересно во интервјуто во “Репортер“.
Репортер: Лани во јануари стана татко, како се снаоѓаш?
-Секој ден учам нешто ново. Еве денес научив дека фразата ,,тата тата” може да значи многу работи како: сакам вода, дај ми ја играчката, земи ме во раце, сакам да спијам, смени ми пелена. Разликата е во поттекстот.
* Синот доби име Павле, по кого е крстен?
-По еден таксист, кој, за жал, повеќе не е меѓу нас.
*Како е да си татко, помагаш по дома, како поминува денот?
Како работник во фабрика со саатница и смени, такво ни е уредувањето. Денес ако си прва смена, утре си трета. Некогаш има и паузи измеѓу по неколку часа.
*Во брак си со Александра, оние кои ја познаваат ја викаат Бела. Како почна љубовта?
-Бевме во врска неколку години и еден ден измеѓу две мои проби пред да почнам со претстава, отидовме до матично, се потпишавме и си продолживме со секојдневието.
*Колку те промени синот Павле?
Не знам каков бев порано. Каков сум сега, сигурно не сум истиот.
*Како ја издржуваш пандемијата, подготвувате претстави со проби на зум?
-Искрено веќе не ја издржувам. Спремавме една претстава, ,, Клетвата на Скотие”, и како клетва, се појави вирусот кој нѐ стави во позиција да не можеме да ја покажеме пред публика нашата клетвосана претстава. Во поубави времиња се надевам ќе се смее публиката на секакви карактери кои веруваат во клетви. Сега работиме на платформата зум, таму имаме читачки проби за текстот на Тимур Вермес популарниот ,,Пак Тој”, ова е всушност роман на кој режисерот му направи драматизација, а се работи за тоа дека Адолф Хитлер се враќа во денешно време и ништо не му е јасно.
* Како е да се глуми на зум?
-Искрено кога доцни интернетот, многу смешно, некои реакции се закаснети, некои забрзани, всушност од една страна по малку комично, а од друга страна иритирачки.
*Претпоставувам многу ти фали театарот, сцената, публиката?
-Добра ви е претпоставката, на почетокот мислев дека ќе ми годи целава оддалеченост од театарот дека ќе се одморам малку, дека ќе можам да правам други работи, но сепак сфатив дека театарот е мојот живот, секоја вечер различен, барем од 20 часот до 23 часот, беше различен.
*Која беше последната претстава што ја одигравте пред да почне пандемијата?
-,,Човек, доблест, ѕвер” – Луиџи Пирандело. Во претставата се работи за еден професор кој затруднува мажена жена додека нејзиниот маж е на море, но тој се враќа и настануваат комични ситуации.
*Со што ќе го отворите театарот кога ќе се врати животот во нормала?
-Сигурно со новите две премиери што ги спомнав погоре во интервјуто, и искрено се надевам дека ќе успееме да ги вратиме и претходните претстави кои живееја на сцената на нашиот театар на кои публиката уживаше да доаѓа.
*Се гледате ли со Тино?
Се гледаме со Тино да. Работиме заедно на еден нов проект. Чекаме да го реализираме, ама постојано нешто ни го одложува снимањето. Ама нема отстапки ќе мораме да го завршиме пред празниците.
Александра Георгиев