Силен земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала утрово беше регистриран во морскиот дел јужно од грчкиот остров Крит, предизвикувајќи вознемиреност кај локалното население.
Според податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), епицентарот на потресот бил лоциран на околу 78 километри југоисточно од Ираклион, на длабочина од 10 километри. Земјотресот се случил во 6:18 часот по локално време.
Жителите на Крит за грчките медиуми изјавиле дека потресот траел подолго од вообичаено, што дополнително ја зголемило загриженоста.
Само десетина минути по првиот удар, бил регистриран уште еден земјотрес со јачина од 3,8 степени, со епицентар на 98 километри југоисточно од Ираклион.
Заменик-гувернерот на Ласити, Јанис Андроулакис, изјави дека земјотресот бил почувствуван низ целиот источен дел од островот и дека службите се веќе ставени во состојба на готовност.
„Чекаме да видиме дали има какви било проблеми. Цивилната заштита е активирана и внимателно ја следиме состојбата. Навикнати сме на земјотреси и имаме доверба во градежните стандарди, но ќе провериме дали има оштетувања, особено кај постарите објекти“, изјави Андроулакис.
Претседателот на грчката Организација за антисеизмичко планирање и заштита, професорот Ефтимиос Лекас, посочи дека потресот не бил почувствуван само на Крит, туку и на соседните острови Касос и Карпатос.
Надлежните служби продолжуваат да ја следат ситуацијата, додека се прават проверки за евентуални штети, особено во руралните и постарите населени места. Засега нема официјални информации за сериозни последици.






