Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ, повторно го победи ракот, пренесоа медиумите. Тој деновиве излезе од болница, а лекарите рекоа дека неговата состојба е подобрена. Наскоро се очекува повторно да го води италијанскиот клуб.
Михајловиќ по втор пат мораше да оди на третман откако му се врати болеста леукемија. За потсетување, на тренерот на Болоња првпат му беше дијагностицирана леукемија во летото 2019 година. По хемотерапија и трансплантација на коскена срцевина тој успеа да закрепне.
Михајловиќ во март рече дека болеста пак му се вратила, но дека била во зачеток. Тој рече дека ќе мора пак да оди на терапија за да ја уништи.
„Оваа болест е многу храбра штом повторно напаѓа некој како мене. Ако првата лекција не беше доволна, ќе ѝ дадам уште една. Тоа е живот полн со подеми и падови, дупки во кои може да паднете, но мора секогаш да најдете сила повторно да станете“, рече тогаш Михајловиќ.