Спортски спектакл со сите ракометни ѕвезди, 6.000 фанови навиваа за актуелните репрезентативци и легендите

Спортски спектакл со сите ракометни ѕвезди, 6.000 фанови навиваа за актуелните репрезентативци и легендите

пред 2 години

Актуелната ракометна репрезентација и ракометните легенди вчера во спортската сала „Борис Трајковски“ одиграа хуманитарен натпревар, во кој помладите ракометари победија со 25 наспроти 21.

Спортската сала преполна. 6.000 фанови дојдоа да и оддадат почит на најуспешната македонската репрезентација составена од Лазаров, Димовски, Мојсоски, Алушоски, Јоноски, Миркуловски, Ѓорѓиевски. Аплауз, овации и сканирање на нивните имиња се слушаа од трибините. Публиката поддршка им даде и на помладите ракометари кои ќе бидат предводени од Кире Лазаров и ќе играат на Светското ракометно првенство, во Полска.

Помеѓу публиката беше и Перо Антиќ во друштво на Катарина Ивановска, премиерот на државата Димитар Ковачевски со неговата сопруга и синот, како и многу други јавни фаци.

Натпреварот се играше во две полувремиња со по 20 минути. За време на полувремето Александар Митевски ја отпеа химната на спортот која се пее на сите натпревари, „Македонија навива за вас“. Потоа минути и за Дац, а настап имаше и Кики Мукаетова.

Кулминацијата на натпреварот беше забавниот дел, кога групата Меморија се појавија на бината среде „Борис Трајковски“ па публиката во еден глас заедно со ракометарите ја отпеаја „Македонија“. Атмосферата беше уште позабавна на „Дирлада“, кога ракометарите се опуштија, па го земаа микрофонот, а Перо Камиказа му ја позајми гитарата на Бранко Ангеловски. По неа и „Оган под ѕвездите“ на која сите ракометари се качија на сцената и во еден глас со публиката ечеше во „Борис Трајковски“.

Во последните 20 минути од натпреварот Ванчо Димовски предизвика овации и аплауз од трибините откако поранешниот пикер направи атракција и даде гол од десет метри. Дејан Манасков исто така познат по атрактивните голови на првенствата, не ја пропушти шансата да направи скок со вртење, а топката да заврши во мрежата. Намигнувањето на Златко Мојсоски не изостана. Тој во 2015 година кога Македонија играше на Светското во Катар остана запаметен по овој гест, за кој подоцна изјави дека тоа го направил за неговиот син Јаков. Фановите тогаш се шегуваа со него дека го „разбил малерот“. Така и вчеравечер додека ја пееја химната тој и намигна на камерата.

За МВП на мечот беше прогласен Ванчо Димовски кој го даде најубавиот гол. Судии на натпреварот беа браќата Марјан и Драган начевски.

Навивачката група „Фалангата“ добија нови тапани за навивање на трибините во Краков, Послка на Светското првенство кое почнува на 12 ти јануари.

Собраните средства од натпреварот ќе бидат донирани во СОС Детско село.

 

Share
Scroll to Top