Никола Перевски – Пере, фронтменот на групата „Нокаут“, напиша емотивна порака по повод за неговиот колега и добар пријател Ацо Богдановски – Конга, кој почина пред осум години.
„Огромна чест е што те познавав, што дружевме, што соработував со тебе, што направивме нешто што после 25 години сè уште трае, прераснува во нешто посериозно како идеологија, став на ‘Нокаут’. Сè уште го одржувам бендот и вреди Ацо. А, тоа што вреди секогаш смета и е трн во око. Така ми зборуваше тогаш, ама бев многу млад и не те разбирав до крај што сакаше да ми кажеш. Сега веќе да. Стари, недостасуваш, знам дека се гледаме на друго место во друго време“, напиша Пере.
Пере не крие дека смртта на Конга оставила длабока трага во неговиот живот.
„Секогаш кога ќе излезам на сцена или кога ќе слушнам некоја песна од нашето време, ми се појавуваат слики од него. Бевме како една фамилија. Направивме многу заеднички концерти и многу се поврзавме. Навистина ми е жал што така брзо си замина толку млад човек. Ацо остави добро дело зад себе. Две деца, семејство. Секојдневно се борам со тоа. Ми навираат емоции и понекогаш, знам да пуштам и солза. Понекогаш се случува и да се насмеам од некои убави моменти“, раскажа Пере во интервју за „Репортер“.
Кога пред 25 години се појави на сцената, „Нокаут“ беше вистинско освежување за публиката. Во времето кога македонската музика беше во подем, Пере, Франц, Ацо и Кире создадоа хитови што се пеат и денес. Бендот само пет години остана во овој состав. Откако се распаднаа, секој тргна по својот пат, а само Пере настапува и создава нови песни под името Нокаут.