Германската полиција започна истрага поради писмо со смртни закани за тројца играчи на Баерн Минхен: Роберт Левандовски, Мануел Ноер и Серж Гнабри. Писмото пристигнало во фудбалскиот клуб Сент Паули, кој игра во втората германска лига.
„Спасете ја лигата, спасете го фудбалот. Смрт за гнасните свињи од Баерн!“ пишува во писмото поради кое полицијата од Хамбург веднаш почнала да го истражува случајот.
Германските медиуми пишуваат и дека полицијата сериозно го сфатила писмото, бидејќи не е првпат некој од овие фудбалери да добива закани за убиство. Истрагата ја води криминалистичкиот оддел во Хамбург, кој го проверува писмото за ДНК, пренесе „Дејли меил“.
Баерн и Фудбалскиот сојуз на Германија не сакале да ги коментираат овие закани.