Фил Колинс откри потресни детали од најтешкиот период во животот: Моите деца дојдоа да се простат со мене

Фил Колинс откри потресни детали од најтешкиот период во животот: Моите деца дојдоа да се простат со мене

пред 4 часа

Легендарниот британски музичар Фил Колинс откри дека неговите пет деца во 2024 година дошле да се простат со него, бидејќи лекарите не биле сигурни дека ќе преживее. Во емотивно интервју за „The Sunday Times“, 75-годишниот пејач и тапанар зборуваше за најтешката здравствена криза во својот живот, кога поради откажување на органите поминал седум месеци во болница во Швајцарија.

Колинс откри дека сериозната здравствена состојба била последица на повторното враќање кон прекумерното консумирање алкохол.

„Бубрезите ми откажуваа, а органите едноставно престануваа да функционираат. Луѓето доаѓаа да се простат со мене“, изјави музичарот.

Не знаел дека семејството дошло да се прости

Поради критичната состојба, неговото семејство морало да носи тешки одлуки поврзани со одржувањето во живот, а неговиот долгогодишен менаџер ги повикал сите негови деца да дојдат покрај болничкиот кревет.

Сепак, Колинс признава дека воопшто не се сеќава на тие моменти.

„Не се сеќавам дека дојдоа. Немав поим што се случува. Сите мислеа дека повеќе нема да ме видат. Сè можеше да заврши многу трагично“, рече тој.

Првата хоспитализација започнала во ноември 2023 година. Неколку дена пред Божиќ бил пуштен дома, но само неколку недели подоцна повторно завршил на интензивна нега.

„Имав огромна среќа што успеав да се извлечам. Оттогаш повеќе не сум се напил ниту капка алкохол“, откри Колинс.

Татко на пет деца

Фил Колинс е татко на пет деца од три брака.

Со првата сопруга Андреа Берторели ги има ќерката Џоели (53) и синот Сајмон (49). Бракот траел од 1975 до 1979 година.

Од вториот брак со Џил Тавелман ја има ќерката Лили Колинс (37), позната актерка и ѕвезда на серијата „Emily in Paris“. Нивниот брак траел десет години, а завршил во 1994 година.

Со третата сопруга Оријан Севеј ги има синовите Николас (25) и Метју (18). Нивниот развод беше финализиран во 2008 година по девет години брак.

И покрај сè, не ја загубил вербата во љубовта

Иако живее повлечено во Швајцарија, каде за него се грижи медицинска сестра, Колинс признава дека сè уште не се откажал од можноста повторно да се заљуби.

„Би сакал повторно да бидам заљубен. Би сакал да имам врска. Да бакнам некого, на пример. Тоа се сосема едноставни работи“, искрено изјави музичарот.

Сепак, веднаш додава дека не е сигурен дали тоа е реално.

„Мислам дека можеби веќе е предоцна за тоа. Не сум многу друштвен човек. Не излегувам многу.“

Долгогодишна борба со здравјето

Фил Колинс со години се соочува со сериозни здравствени проблеми. Во 2007 година претрпе повреда на вратниот дел од ‘рбетот, што предизвика оштетување на нервите во рацете и значително ја намали неговата способност да свири тапани.

По операцијата на грбот во 2015 година почна да користи бастун, а во март 2022 година официјално се повлече од концертните турнеи бидејќи повеќе не можеше да свири како порано.

Сепак, легендарниот музичар неодамна изјави дека не ја исклучува можноста повторно да снима музика, па дури и евентуално повторно да настапува.

„Сега сум поздрав отколку што бев долго време. Дали повторно би настапувал? Би размислил за тоа“, изјави Колинс во мај годинава во емисијата „BBC Breakfast“.

Иако зад себе има тежок период исполнет со здравствени предизвици, Фил Колинс вели дека денес најмногу ја цени шансата што повторно е жив и што може да поминува време со своето семејство.

Share
Scroll to Top