ФОТО+ВИДЕО | Зелената комета го осветли небото над Намибија – спектакуларни снимки од ретката појава

ФОТО+ВИДЕО | Зелената комета го осветли небото над Намибија – спектакуларни снимки од ретката појава

пред 3 часа

Астрофотографи во Намибија успеаја да забележат спектакуларна глетка на ноќното небо – сјајната зелена комета 220П/Мекнот, која во последните месеци покажува невообичаено силна активност.

Кометата е откриена од австралискиот астроном Роберт Х. Мекнот, а една целосна орбита околу Сонцето ја завршува приближно на секои 5,5 години.

Во јуни годинава 220П/Мекнот го достигна перихелот, односно точката во својата орбита во која е најблиску до Сонцето. Токму во тој период била забележана силна ерупција на активност, поради која нејзината светлина се зголемила за околу 8.000 пати во однос на вообичаеното ниво.

Но активноста не запрела тука.

Во август кометата повторно значително се осветлила и во еден момент била околу 600 пати посјајна од вообичаено.

Токму тогаш астрофотографите Џералд Реман и Михаел Јегер успеале да ја фотографираат додека минувала низ темното небо над Намибија, пренесува „Спејс“.

На фотографиите особено се издвојува интензивната зелена светлина на кометата во централниот дел од кадарот, додека во близина на врвот може да се забележи и поблага розова нијанса.

Снимките привлекоа големо внимание бидејќи набљудувањето комета на ноќното небо не е секојдневна појава. Дури и кога некоја комета се наоѓа над хоризонтот, таа често е премногу далечна или слабо осветлена за да може да се забележи со голо око.

Во многу случаи е неопходен телескоп, а понекогаш дури и со професионална опрема набљудувањето може да биде предизвик.

Иако самите комети не се секогаш лесно видливи, Земјата редовно поминува низ облаци од честички што тие ги оставаат зад себе додека патуваат низ Сончевиот систем.

Кога тие ситни честички навлегуваат во атмосферата на Земјата, се загреваат и согоруваат, создавајќи ги светлите траги што во секојдневниот говор ги нарекуваме „ѕвезди што паѓаат“.

Токму ваквите честички се одговорни и за метеорските дождови што периодично го исполнуваат ноќното небо.

Во овој период актуелен е и годишниот метеорски дожд Персеиди, еден од најпознатите и најбогати метеорски роеви.

Персеидите се создаваат од честички што зад себе ги остава кометата Свифт-Татл додека се движи низ Сончевиот систем.

Под идеални услови и темно небо, набљудувачите можат да забележат и до околу 100 метеори на час, претворајќи ги августовските ноќи во вистински небесен спектакл.

Share
Scroll to Top