(ФОТО) Род Стјуарт за малку ќе се онесвестеше на концерт: Настапот го продолжи со кислородна боца на сцената

(ФОТО) Род Стјуарт за малку ќе се онесвестеше на концерт: Настапот го продолжи со кислородна боца на сцената

пред 5 часа

Легендарниот британски рок-музичар Род Стјуарт доживеа непријатен момент за време на концерт во американската сојузна држава Јута, кога за малку ќе се онесвестеше на сцената и мораше да користи кислородна боца пред публиката.

Осумдесет и едногодишниот пејач настапуваше во амфитеатарот „Utah First Credit Union Amphitheatre“ во Вест Вали Сити, кога посетителите забележале дека се движи значително помалку од вообичаено.

Според видеоснимките објавени во медиумите, Стјуарт во повеќе наврати се потпирал на музичките инструменти, сценските огради и метален столб за да ја одржи рамнотежата, додека продолжувал да пее.

Кислородна поддршка среде настап

Во еден момент членови на неговиот тим донеле кислородна боца на сцената, по што пејачот земал неколку длабоки вдишувања пред да ѝ се обрати на публиката.

„Шоуто мора да продолжи. За малку ќе се онесвестев. Ќе ви пречи ли ако седнам за оваа песна?“, им рекол Стјуарт на присутните.

По ова, музичката легенда го завршила дел од концертот седејќи на стол, додека публиката го поддржувала со аплауз.

Високата надморска височина можеби одиграла улога

Вест Вали Сити се наоѓа на надморска височина од околу 1.300 метри, а медиумите наведуваат дека разредениот воздух можеби придонел за неговото привремено влошување на состојбата.

Инцидентот доаѓа само една недела откако Стјуарт во последен момент го откажа концертот во Сан Диего, помалку од еден час пред почетокот.

Тогаш организаторите соопштија дека причината е инфекција на синусите, а подоцна самиот пејач откри дека му била дијагностицирана акутна инфекција на горните дишни патишта, проследена со ларингитис.

Откажани концерти и критики од фановите

Во мај годинава Род Стјуарт откажа и два концерти во Лас Вегас, објаснувајќи дека мора да мирува поради проблемите со гласот.

„Им се извинувам на моите обожаватели. На гласовен одмор сум додека закрепнувам од инфекцијата на синусите. Со нетрпение очекувам повторно да се видиме на некој иден концерт“, изјави тогаш пејачот.

По откажувањето на настапот во Сан Диего, дел од фановите го критикуваа откако беше фотографиран на натпревар од Светското првенство во Бостон, каде што пристигнал со приватен авион во друштво на своите синови Ајдан и Аластер.

Не размислува за пензија

И покрај здравствените проблеми во последните недели, Стјуарт останува категоричен дека нема намера да се пензионира.

Во 2024 година ја најави прошталната турнеја „One Last Time“, но подоцна појасни дека тоа не значи крај на неговата музичка кариера, туку само повлекување од големите светски турнеи.

„Ова ќе биде крај на големите светски турнеи за мене, но немам никаква желба да се пензионирам. Го сакам тоа што го работам и го работам тоа што го сакам“, напиша тогаш на социјалните мрежи.

Тој додаде и дека се чувствува во добра физичка форма.

„Имам полна коса на главата и можам да истрчам 100 метри за 18 секунди и на 79 години“, изјави Стјуарт.

Тајната е во тренингот

Пејачот со години нагласува дека добрата физичка подготвеност му помага да остане активен на сцената.

Во интервју минатата година откри дека соработува со истиот личен тренер веќе 38 години и дека во својот дом има голема теретана и затворен базен.

„Правиме многу тренинзи под вода. Тренерот фрла тула во базенот, а јас морам да нурнам, да ја оттуркам до крајот на базенот и потоа да излезам на површина“, раскажа музичарот.

И покрај неодамнешните здравствени предизвици, Род Стјуарт засега планира да продолжи со турнејата „One Last Time“ низ Соединетите Американски Држави во текот на јули и август, а последниот закажан концерт моментално е на 15 август во Сент Луис.

Share
Scroll to Top