(Фото) Ѓорѓе Балашевиќ погребан денес со песната „Оливера“

пред 4 години

Легендарниот пејач и кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ, е погребан денес во Нови Сад, во кругот на најблиското семејство, додека во позадина одела неговата песна „Оливера“, посветена на сопругата, пишуваат српските медиуми.

Семејството решило да нема голем погреб, поворки и луѓе, туку на последното испраќање да одат само најблиските. Тие ангажирале и приватно обезбедување да ги затвори вратите на новосадските гробишта.

Денешниот ден 21 февруари е прогласен за Ден на жалост во Нови Сад.

„Ги изгаснаваме сите светла на Градската куќа за да ја искажеме нашата болка и тага со семејството. Ова е тежок момент за семејството Балашевиќ, ама и за целиот град, држава и регионот“, рекол градоначалникот Милош Вучевиќ.

Балашевиќ почина од корона на 67 години, во болница во Белград. Тој пред да биде пренесен на болничко лекување заради пневмонија, десетина дена се лекувал дома. Лекарите повеќе од два часа се обидувале да го спасат, пренесоа медиумите.

Во негова чест, во многу градови во поранешна Југославија, фановите се собираа на плоштадите, палеа свеќи и се слушаше неговата музика. Од популарниот пејач се простија и многу негови колеги, Петар Грашо, Здравко Чолиќ, Мирослав Илиќ, Северина, Дино Мерлин, Лидија Вукуќевиќ и сите тие со неверување и многу емоции зборуваа за нивните спомени поврзани со Балашевиќ.

Share
Scroll to Top