Светски познатиот портал за патувања, „Јуропен бест дестинејшнс“, објави листа на најдобрите дестинации за меден месец во Европа. На листата се места во Франција, Португалија, Хрватска, Грција.
Цавтат е мал град во дубровничко-неретванската жупанија, кој се најде на врвот на нивната листа.
„Најдобрата дестинација за меден месец оваа година е прекрасниот, сончев, романтичен Цавтат на југот на Хрватска“, пишува овој портал.
„Цавтат се наоѓа на неколку минути од Дубровник и неговиот меѓународен аеродром, на заљубените им нуди свадбени услуги клуч на рака, како и бескрајни можности за меден месец и сместување во хотели со пет ѕвездички со поглед на море, велнес, спортски активности, базен“, стои во објавата.
Велат дека во Цавтат има бројни ресторани покрај море и модерни барови. „Дозволете си меден месец со пет ѕвездички во трендовска дестинација која е на прво место меѓу најдобрите дестинации за меден месец“, велат тие и објасниле како да стигнете до Цавтат и каде да резервирате сместување.
На листата има уште 12 дестинации, како Позитано во Италија, Санторини во Грција, Рим, Париз, Будимпешта, Лисабон и Венеција.