Шакира доби голема правна победа против шпанските даночни власти, откако суд во Мадрид пресуди дека Шпанската даночна управа незаконски ѝ наплатила повеќе од 60 милиони евра даноци и казни, кои сега ќе мора да ѝ бидат вратени со камата.
Административниот совет на Националниот суд на Шпанија ја поништи постапката врз чија основа пејачката претходно мораше да плати речиси 55 милиони евра на име данок и пенали.
Според пресудата, судот утврдил дека Шакира не била даночен обврзник во Шпанија во текот на 2011 година и дека не била должна да плаќа данок на доход и данок на богатство во таа земја.
Случајот се темелеше на тврдењата на даночните власти дека пејачката престојувала во Шпанија поради врската со поранешниот фудбалер на Барселона, Жерар Пике, и дека таму се наоѓал центарот на нејзините деловни активности.
Сепак, судот заклучил дека даночната управа не успеала да докаже дека Шакира престојувала во земјата повеќе од 183 дена годишно, што според шпанскиот закон е услов едно лице да се смета за даночен резидент.
Во реакцијата објавена преку нејзиниот тим, Шакира остро ги критикуваше даночните власти.
„Никогаш немало никакво затајување, а ниту самата даночна управа никогаш не можеше да го докаже спротивното, едноставно затоа што тоа не беше вистина“, порача пејачката.
Таа додаде дека речиси една деценија била изложена на, како што вели, јавно омаловажување, оркестрирани кампањи и притисоци кои негативно влијаеле врз нејзиното здравје и семејство.
Иако оваа пресуда претставува голема победа за неа, шпанските медиуми потсетуваат дека таа претходно призна вина во одделен случај за даночна измама поврзан со периодот од 2012 до 2014 година.
Во таа постапка, Шакира прифати условна тригодишна затворска казна, која не ја отслужи, како и парична казна од 7,3 милиони евра, откако призна дека во наведениот период била даночен обврзник во Шпанија, но не платила дел од даноците.






