Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Прилеп упати известување до граѓаните и верниците од Исламската верска заедница во пресрет на празникот Курбан Бајрам, кој годинава започнува на 27 мај 2026 година.
Од претпријатието информираат дека се преземени активности за соодветно собирање и одлагање на отпадот од животинско потекло, со цел да се зачува јавната хигиена и животната средина за време на празничните денови.
За таа намена, ЈКП „Комуналец“ постави два специјални контејнери за отпад од животинско потекло на две локации во градот – кај џамијата и во близина на муслиманските гробишта.
Од претпријатието апелираат до граѓаните отпадот да се одлага исклучиво во поставените контејнери, со што ќе се спречи создавање диви депонии, непријатни мириси и потенцијални здравствени ризици.
Во својата порака, ЈКП „Комуналец“ на сите верници им го честита претстојниот празник Курбан Бајрам, посакувајќи им здравје, мир и благосостојба.
„Грижата за животната средина е обврска на секој граѓанин“, порачуваат од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.






