Ќерката на Бред Пит и Анџелина Џоли објави оглас во весник за официјално да се откаже од презимето на татко ѝ

Ќерката на Бред Пит и Анџелина Џоли објави оглас во весник за официјално да се откаже од презимето на татко ѝ

пред 14 часа

Осумнаесетгодишната Вивиен, ќерка на поранешната холивудска двојка Бред Пит и Анџелина Џоли, презеде уште еден законски чекор за официјално да го отстрани презимето на татко ѝ од своето име.

Според судските документи до кои дошол „Page Six“, Вивиен објавувала известување за своето барање во весникот „Los Angeles Daily Journal“ еднаш неделно, четири последователни недели. Огласот бил објавуван од 24 јули до 14 август, со што таа исполнила едно од законските барања во Калифорнија за промена на името.

Во известувањето се повикува секое лице што се противи на промената да достави писмен приговор пред одржувањето на завршното судско рочиште. Следното рочиште е закажано за 2 ноември, кога судијата ќе може да го одобри барањето доколку не биде поднесен приговор.

Вивиен во јули поднела барање нејзиното целосно име да биде променето од Вивиен Маршелин Џоли-Пит во Вивиен Маршелин Џоли. Во судските документи како причина за промената навела само „лични причини“, без дополнително објаснување.

Нејзиното средно име Маршелин е избрано во чест на покојната мајка на Анџелина Џоли, Маршелин Бертран, која почина во 2007 година по борбата со рак на јајниците и рак на дојката.

Вивиен и претходно престана да го користи презимето на татко ѝ. Во 2024 година, кога заедно со мајка ѝ работеше на бродвејската адаптација на „Аутсајдери“, во официјалната театарска програма беше потпишана само како Вивиен Џоли.

Бред Пит и Анџелина Џоли имаат шест деца: Медокс, Пакс, Захара, Шајло и 18-годишните близнаци Нокс и Вивиен. Вивиен не е единствената меѓу нив што презела чекори за отстранување на презимето „Пит“.

Нејзината сестра Захара и братот Медокс, исто така, објавиле известувања во „Los Angeles Daily Journal“, исполнувајќи ја законската процедура за промена на презимето. За барањето на Захара е закажано судско рочиште на 28 септември, додека датумот за следното рочиште на Медокс засега не е познат.

Шајло беше првата од децата што официјално го отстрани презимето „Пит“. Таа го поднесе барањето на својот 18-ти роденден во 2024 година. Според тогашните информации на „Entertainment Tonight“, Шајло самостојно ангажирала адвокат и со сопствени средства ги платила трошоците за постапката.

Сите шест деца, според американските медиуми, во изминатите години се оддалечиле од Бред Пит и застанале на страната на својата мајка по разделбата на нивните родители во 2016 година.

По долгогодишни и тензични судски постапки, Бред Пит и Анџелина Џоли беа прогласени за правно слободни во 2019 година, додека конечната спогодба за развод ја постигнаа во декември 2024 година.

Пит неодамна јавно проговори за тешкиот период низ кој поминувал по распадот на семејството. Во интервју за „Esquire“, актерот призна дека болката поврзана со семејните проблеми била толку силна што имал самоубиствени мисли, иако нагласи дека немал намера навистина да си наштети.

„Болката беше толку неподнослива што можев да го почувствувам студениот челик на куршумот во мојата глава, а тоа ми изгледаше како олеснување. Немав намера да го направам тоа, но чувството беше присутно“, изјави актерот.

Share
Scroll to Top