„Џез-вечери“ за првпат на „Охридско лето“: Четири дена врвна музика со уметници од Македонија и светот

„Џез-вечери“ за првпат на „Охридско лето“: Четири дена врвна музика со уметници од Македонија и светот

пред 5 часа

Фестивалот „Охридско лето“ годинава ја збогатува својата програма со нов музички настан – „Џез-вечери“, чие прво издание ќе се одржи од 13 до 16 август во организација на Радио „Џез ФМ“ и НУ „Охридско лето“.

Во текот на четирите фестивалски вечери, во автентичниот амбиент на црквата „Света Софија“ и на сцената Долни Сарај ќе бидат одржани шест концерти. Пред охридската публика ќе настапат музичари од Македонија, САД, Германија, Грција, Гана, Холандија и Велика Британија, а меѓу најавените имиња се Крсте Роџевски, Дине Донеф трио, Нубаја Гарсија и британскиот состав „Kiioto“.

Новата фестивалска програма започнува на 13 август во црквата „Света Софија“, каде што Крсте Роџевски концертно ќе го промовира албумот „Orthodoxia Kai Thanatos“.

Роџевски е македонски пејач, гитарист и композитор кој уште од преселбата во Њујорк кон крајот на 1990-тите години е активен на тамошната авангардна „даунтаун“ сцена. Во Охрид ќе настапи заедно со Христијан Моневски и Дамјан Палоски на вокален исон, како и со Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски на контрабас, во улога на инструментален исон.

„Orthodoxia Kai Thanatos“ е неговото осмо албумско остварување и е објавено како двојно ЛП-издание. Композициите се темелат врз византиското пеење, а изданието содржи и ремикси на Фенес, Икуе Мори, Бил Ласвел, Јос Смолдерс, Кевин Драм и Томас Фелдман.

Првата вечер ќе продолжи со настап на Дине Донеф и неговото трио, во кое членуваат Харис Ламбракис на неј и оргули и Кирјакос Тапакис на уд.

Дине Донеф, односно Костас Теодору, е композитор, контрабасист, мултиинструменталист, едукатор и автор со препознатлив музички израз. Се вбројува меѓу автентичните имиња на современата европска џез и светска музичка сцена.

Роден е во Германија во семејство на македонски иселеници, а израснал во Егејска Македонија. Во неговото творештво се испреплетуваат балканската музичка традиција, импровизацијата и современата композиција, но и личната потрага по идентитетот и меморијата.

Програмата на 14 август се сели на сцената Долни Сарај, каде што Националниот џез-оркестар ќе ја изведе концертната програма „Македонски сновиденија“.

Станува збор за енергична фузија на македонскиот фолклор и современиот џез. Под диригентската палка на маестро Владимир Николов, оркестарот ќе понуди музичко патување инспирирано од длабоките културни корени на македонската традиција, интерпретирани преку слободниот јазик на џезот.

Специјален гостин на концертот ќе биде Питер Сомуа, западноафрикански трубач со потекло од Гана, кој живее и работи во Ротердам, Холандија.

Сомуа повторно ќе се појави на Долни Сарај на 15 август, но овојпат со сопствената група. Неговото творештво го карактеризира спој на современиот џез со африканските ритми, богати мелодии и силна емоционална експресија.

Вториот дел од вечерта ќе ѝ припадне на една од предводничките на новата британска џез-ренесанса – Нубаја Гарсија, која со својот квартет доаѓа во Охрид како еден од главните музички адути на првото издание на „Џез-вечери“.

Познатата саксофонистка, композиторка и бендлидерка е едно од најистакнатите имиња на новата генерација лондонски џез-музичари. Таа изгради меѓународна репутација со специфичен авторски звук во кој современиот џез се преплетува со карипската музичка традиција, афробитот, дабот и електронските влијанија.

Завршницата на првите „Џез-вечери“ е закажана за 16 август, кога пред публиката ќе настапи британскиот состав „Kiioto“.

Станува збор за оригинален музички проект зад кој стојат Лу Роудс и Роан Хит, две етаблирани имиња на британската музичка сцена. Нивниот современ авторски пристап ги спојува џезот, електрониката, соулот, трип-хопот, амбиенталната музика и современиот поп, создавајќи карактеристичен и атмосферичен звучен пејзаж.

Со шест концерти во четири вечери и комбинација од домашни и меѓународни музички имиња, новата програма „Џез-вечери“ од 13 до 16 август ќе донесе дополнителна музичка димензија во годинешното издание на „Охридско лето“.

Share
Scroll to Top