Џек Антоноф на духовит начин јавно проговори за разделбата со актерката Маргарет Квали, откако еден обожавател за време на концерт побара од него да ја изведе песната „Let’s Get Married“.
Инцидентот се случил на концертот на неговиот бенд „Bleachers“ во клубот „Troubadour“ во Лос Анџелес. Според видеото од настапот, обожавател од публиката му кажал на Антоноф дека песната била дел од неговата свадба со ѕвездата од филмот „The Substance“ во 2023 година.
„Апсолутно не. Читај ги вестите, брат“, одговорил музичарот низ смеа.
Неговата реакција предизвикала смеа и овации во публиката, по што Антоноф додал дека ја сака песната и дека ја напишал пред околу 11 години.
Обожавателите на социјалните мрежи веднаш го протолкуваа коментарот како прва директна потврда од Антоноф за крајот на неговиот брак со Квали. Дел од нив оценија дека музичарот бил исклучително духовит, додека други посочија дека неговата изјава не треба да се толкува како навреда кон поранешната партнерка.
Веста за нивната разделба беше објавена во јули, по помалку од три години брак. Извор близок до поранешната двојка тогаш изјавил дека нивниот однос бил нестабилен и дека често се расправале. Како дополнителен проблем биле наведени нивните професионални обврски – актерската кариера на Квали и честите турнеи и долгите студиски сесии на Антоноф.
Гласините дека меѓу нив има проблеми се засилија откако 31-годишната актерка не присуствуваше на свадбата на Тејлор Свифт и Тревис Келси на 3 јули. Антоноф на свеченоста пристигнал со својата сестра Рејчел.
Иако музичарот сè уште го носел златниот венчален прстен на денот кога се појави веста за разделбата, претходно имало повеќе знаци дека нивниот брак е во криза.
Од концертната листа на „Bleachers Forever“ била отстранета песната „Margaret“, а Квали го променила своето корисничко име на Инстаграм. Наместо @isimostar, што било поврзано со песната „Isimo“ на Антоноф, таа го користи името @sarahmargaretqualley23.
Актерката ги избришала и фотографиите од нивната свадба, како и останатите објави и споменувања поврзани со Антоноф. Поранешната двојка последен пат беше видена заедно во јавност на доделувањето на наградите „Греми“ на 1 февруари.
Антоноф и Квали првпат поттикнаа гласини за романтична врска во 2021 година, кога беа фотографирани како се бакнуваат за време на заедничко излегување. Актерката ја потврди свршувачката во мај 2022 година, а двојката се венча во 2023 година.






