Холивудската актерка Џејн Фонда има рак и оди на хемотерапија. Таа во објава на Инстаграм, кажа дека ѝ е дијагностициран нехоџкинов лимфом.
„Овој вид на рак се лекува, така што имам среќа“, напиша Фонда.
84-годишната Фонда, ја искористи ситуацијата за да укаже на состојбата со здравствената грижа во САД.
„Среќна сум зашто имам здравствено осигурување и пристап до најдобрите лекари и третмани. Сфатив, што е болно, дека сум привилегирана поради тоа. Речиси секое семејство во Америка мора да се соочи со ракот во некој момент, а голем дел од нив нема пристап до квалитетна здравствена грижа и тоа не е во ред“, вели Фонда.
Нехоџкинов лимфом е помалку вообичаен вид на рак кој се развива во лимфниот систем.
Актерката која во меѓувреме ќе биде на хемотерапија истакна дека во тој период нема да прекине со климатскиот активизам.