АБТЦ и „Тиквеш“ се претставија пред деловната заедница на Илиноис во САД

АБТЦ и „Тиквеш“ се претставија пред деловната заедница на Илиноис во САД

пред 2 часа

Американскиот балкански трговски центар (АБТЦ) и винарската визба „Тиквеш“ беа дел од годинашниот свечен ручек на Трговската комора на Илиноис, кој обедини претставници на водечки компании, бизнисмени, институционални претставници и политички лидери од оваа американска сојузна држава.

Настанот беше посветен на успесите и достигнувањата на деловната заедница, а истовремено понуди простор за вмрежување, размена на идеи и воспоставување нови деловни и професионални контакти.

За АБТЦ, учеството претставуваше можност да ги претстави својата мисија и активностите насочени кон поврзување на компаниите од Соединетите Американски Држави и Балканот.

„Работиме напорно и сакаме АБТЦ да прерасне во лидер кој ќе го гради мостот меѓу американските и балканските бизниси, како во Америка, така и на Балканот. Присуството на вакви настани нè носи чекор поблиску до остварувањето на нашата мисија и визија“, изјави Бобан Попевски, еден од основачите на центарот.

„Тиквеш“ првпат се претстави на настанот

На годинашниот собир првпат учествуваше и македонската винарска визба „Тиквеш“, која се претстави заедно со американските компании и изложувачи.

Гостите и деловните лидери од Илиноис имаа можност да дегустираат дел од вината на компанијата и да се запознаат со нејзиното производство и понуда.

„Денес сме тука да го претставиме она што го нудиме и вината произведени од винарската визба ‘Тиквеш’. Ви ветувам дека нема да ве разочараме, туку ќе ве направиме горди на прекрасните вина од Македонија“, изјави сопственикот на винарницата, Светозар Јаневски.

Присуството на „Тиквеш“ беше можност македонските вина да бидат претставени пред поширок круг потенцијални партнери, дистрибутери и претставници на деловниот сектор во САД.

Фокус на економската иднина и новите партнерства

Свечениот ручек започна со церемонија на почесната гарда и интонирање на американската национална химна од вокалист на Полициската управа на Чикаго.

Меѓу говорниците беше и гувернерот на Илиноис, Џеј Би Прицкер, кој зборуваше за економската иднина на државата, инвестициската клима и условите за развој на бизнисите.

„Драго ми е што повторно сум дел од официјалниот ручек на Трговската комора на Илиноис. Тоа значи подобра иднина, подобра инвестициска клима и подобри услови за работење на компаниите“, порача Прицкер.

Меѓу гостите беше и конзулот на Србија во Чикаго, Марко Николиќ, кој го истакна значењето на присуството на претставници од балканската деловна заедница на вакви настани.

„Посебна чест ми е да ги видам моите сонародници меѓу присутните. Тоа покажува дека нашите луѓе успеваат во Америка, градат сопствени бизниси, ја следат својата визија и го наоѓаат патот кон успехот“, изјави Николиќ за „First Balkan Media“.

Од АБТЦ оценуваат дека учеството на годишниот ручек претставува уште еден чекор кон зајакнување на врските меѓу балканско-американската бизнис-заедница и поширокиот деловен и институционален сектор во Илиноис.

Share
Scroll to Top