Серхио Агуеро, напаѓачот на Барселона, Серхио Агуеро (33), ќе мора да ја заврши кариерата поради проблеми со срцето, објавија најпознатите фудбалски новинари Фабрицио Романо и Херард Ромеро. Ова и официјално ќе биде објавено следната недела.
„Одлуката е донесена и Барселона е веќе информирана“, напиша Романо на Твитер.
Фудбалерот кон крајот на минатиот месец заврши во болница, откако почувствува непријатност во градите за време на натпреварот со Алавес. Тој тогаш легна на тревникот кон крајот на првото полувреме и се држеше за крадите. По направените кардиолошки прегледи, му беше дијагностицирана аритмија. Потоа неговиот клуб објави дека тој нема да игра најмалку три месеци.
Тој претходно играше за Манчестер Сити, каде за десет години освои пет шампионски титули. А летово направи трансфер во Барселона како слободен играч и одигра само пет натпревари.
Агуеро е најдобриот стрелец во историјата на Сити со 260 голови, додека за репрезентацијата на Аргентина постигна 41 гол на 101 натпревар.