Синот на кралицата Елизабета II, прицот Ендру (61) е осомничен за силување, откако против него поднесе тужба Американката Вирџинија Робертс Џефри (38), која тврди дека ја силувал кога таа имала само 17 години, пренесуваат британските медиуми.
Во тужбата поднесена до федералниот суд во Њујорк, се наведува дека Џефри му била продадена на принцот кој ја силувал во домот на Џефри Епстејн на Менхетн и на уште една локација додека била малолетна. Таа ја поднесе тужбата две години откако Епстејн беше пронајден мртов во својата затворска ќелија и 10 години откако се случи злочинот.
Џефри, која сега живее во Австралија со сопругот и трите деца, сведочеше дека против нејзина волја била принудена да има секс со британскиот принц трипати во 2001 година. Таа сега бара надомест од нејзиниот наводен насилник за физичката и менталната болка што ја претрпела.
„Сметам дека принцот Ендру треба да одговара за тоа што ми го направи. Богатите и моќни луѓе не би требало да бидат поштедени за своите постапки“, вели таа во официјалното соопштение и додаде дека се надева дека и други жртви ќе го следат нејзиниот пример и ќе побараат правда.
Покрај Џефри, уште една од наводните жртви на Епстејн, Јохана Шеберг, тврдеше дека принцот ѝ ги допирал градите додека биле во станот на Епстејн во 2001 година, но таа не покрена правна тужба против него.